Јајцето – природен мултивитамин со протеин од исклучителен квалитет

2 мин. читање

Евтино, едноставно и достапно речиси насекаде. А сепак, јајцето во себе носи импресивна комбинација од висококвалитетни протеини, витамини, минерали, здрави масти и други биолошки активни материи.Мала намирница, а неверојатно богат нутритивен профил. Јајцето често се нарекува „природен мултивитамин“.

Протеин со исклучително висок квалитет

Едно големо јајце обезбедува приближно 6–7 грама протеин, со сите есенцијални аминокиселини во соодветни количини. Протеинот од јајце има многу висока сварливост. FAO наведува просечна вистинска сварливост на протеинот од јајце од околу 97%, што е меѓу највисоките вредности за протеините од храната. Токму поради својот аминокиселински профил и високата искористливост, протеинот од јајце историски бил користен како референтен протеин при проценување на квалитетот на другите протеини.

Јајцето не е само протеин

Голем дел од микронутриентите се наоѓаат во жолчката. Јајцата обезбедуваат различни количества на:

• витамин A

• витамин D

• витамин E

• витамин B12

• рибофлавин (B2)

• фолат (B9)

• селен

• фосфор

• железо

• цинк

Особено интересен е холинот – една големо тврдо варено јајце содржи околу 147 mg холин, односно приближно 27% од дневната вредност наведена од NIH. Холинот е важен за нормалната функција на мозокот, нервниот систем и клеточните мембрани.

Јајцето исто така содржи лутеин и зеаксантин, каротеноиди кои се поврзани со здравјето на очите.

И не ја фрлајте жолчката без причина

Белката е одличен извор на протеин, но ако јадеме само белки, ги отстрануваме и значителен дел од другите хранливи материи што се наоѓаат во жолчката. Затоа целото јајце има поширок нутритивен профил од самата белка.

Јајцето, се разбира, не содржи „сè“ што му е потребно на организмот и не може да ја замени разновидната исхрана. Но, во една мала и релативно достапна намирница добиваме комбинација од висококвалитетен протеин + витамини + минерали + холин + корисни биоактивни соединенија.

Токму затоа јајцето со право може да се опише како еден од најнутритивно богатите избори во секојдневната исхрана. Мала намирница. Голема хранлива вредност.