1846 година, со приближувањето на неговиот 33 роденден, Сорен Кјеркегор му пишува на својот брат објаснување како да биде подготвен неговиот гроб и која порака да биде изгравирана на надгробната плоча. Овие стихови се последната желба на младиот философ:
„Па сепак беше тоа неодамна
Требаше да победам
Тогаш целата битка би била
Наеднаш завршена.
Тогаш би почивал во мир
Во опојните мириси на розите
Во непрекинат, непрекинат разговор
Со мојот Исус.“
Младиот дански философ, христијанскиот мислител, ги подготвувал своите последни битки со светот. Да се биде жив нели значи постојана борба? Жртвување на сигурноста, на буржујскиот начин на животарење, ситните успеси и задоволства, наспроти големото остварување на верата, на личниот избор и активно освојување на Вечноста, тоа биле идеалите на Кјеркегор.

Човекот постојано стои пред избор. Не постои неутралност затоа што дури и неизборот е избор. Човекот на Кјеркегор е распнат меѓу можноста и стравот. Тој пешачи по рабовите на бездната на слободниот избор. Слободен е и токму затоа е уплашен. Но, во ураганот на слободата ја насетува и вистината. Човекот е заробеник на слободата. Егзистенцијален избор „Или-или.“
За Кјеркегор, не е најважно што е вистина, туку како ти ја живееш вистината. И дали можеш за неа да загинеш. Можеш да знаеш сè за Бог, но не, ако тоа активно не го живееш, тоа не е вистината за тебе. Вистината станува личен однос, страст, избор. Тој заради подвигот на вистината го жртвува спокојниот семеен живот и ја раскинува можноста за брачен живот, жртвувајќи ја веридбата со својата љубов Регина Олсен. Се откажува од земната љубов, иако Регина ќе остане негова вечна инспирација и муза до крајот на животот, а во последниот тестамент нејзе ќе ѝ ги остави сите книги, ракописи и предмети од неговиот скромен имот.
Верата не е рационална сигурност, туку ризик. Кјеркегор вели дека мора да направиш „скок“ во непознатото. Таму каде разумот веќе не може да те води.
Тој не ги гледа стравот и очајот како слабости, туку како сигнали дека човекот се соочува со својата слобода и бесконечност. Да не правиш ништо а да ја исчекуваш активно судбината која треба да биде остварена е еден вид творештво.
Кјеркегор како да живеел постојано во грчот на четириесетте денови искушение во пустината. Оние денови кои Христос ги минува во борба со големите прашања на демонот. Му било понудено сѐ! Одбил сѐ. Слабоста дури и не е слабост. Таа е доказ дека душата стои на работ на бесконечноста. Трепет пред Универзумот. „Кога сум слаб тогаш сум најсилен“ – беседеше Апостол Павле.
Очајот не е пад, туку премин. Соочување со ужасот на непознатото, лице в лице.
Животот не е приказна што се разбира однапред. Тој е „или-или“, како нож што секојдневно те сече меѓу удобноста и вистината. Затоа верата во философијата на Кјеркегор не е мир, туку трепет и грч. „Дојдов да донесам меч и оган, а не мир.“
Скок во темнина, место каде разумот молчи, а срцето зборува јазик што логиката не го разбира, страв и трепет… согорување.
Да се живее, значи да се ризикува. Да се верува, значи да се оди напред без гаранција.
Да се молиш значи да наслушнуваш, не да бараш. Според Кјеркегор молитвата не е желботека, не е зборување и упатување зборови, туку тишина. Тишина и наслушнување.
Божја тишина.
Да се биде човек, значи да се стои сам пред вечноста и да се избере помеѓу земната просечност која по автоматизам нè проголтува и непознатата самотија која не нè изолира од апсолутното туку нè дисперзира од егото. Кјеркегор го претпочитува личниот однос на човекот кон светот, основниот проблем на човекот е егзистенцијата како единечно постоење во светот. Човекот е сам и само сам може да се избори со парадоксите на светот и никакво рационално објаснување нема да го спаси од апсурдот на постоењето во овој свет изграден со противречности. Човекот се наоѓа на крстопат во доживувањето на тие противречности, меѓу конечното и бесконечното, смислата и бесмисленоста, смртта и бесмртноста, човечкото и божественото. Кјеркегор ја враќа влезницата за хуманистичкиот поредок изграден врз жртвите на слабите. Подоцна, Достоевски убаво ќе ја објасни оваа бунтовна философија низ есеите на Иван Карамазов.
Кјеркегор водел жестока критика против официјалната црква во Данска, особено против Данската народна црква. Тој сметал дека христијанството станало: формалност, удобност, кариеризам без вистинска вера, конформизам… Кјеркегор тврди дека црквата го изневерила христијанството повеќе пати во историјата.
Во своите текстови, но особено во списанието „Момент“ тој буквално ја напаѓа институцијата, тврдејќи дека луѓето си замислуваат дека се христијани само затоа што одат во црква и учат напамет молитви. Тој физички понекогаш стоел пред некој храм и делел летоци со неговата порака: – „Не е доволно да влезеш внатре во црква, мораш да стануваш христијанин со сета твоја внатрешност.“ Во тој период ќе ја напише големата мисла – „Сега, во овој живот, се решава твојата вечност!“

Големата идеја дека „Христос е во тебе“ ќе ја вдахнува руската философска мисла на крајот на 19 ти и почетокот на 20 тиот век. Таа е посебно видлива во персоналистичката философска мисла на Николај Бердјаев и Василиј Розанов. Егзистенцијалистичките писатели и философи Сартр и Ками исто така ќе бидат вдахновени од силната пророчка мисла на Кјеркегор и неговиот христијански егзистенцијализам, иако нивниот егзистенцијализам е атеистички.
Последниот период од животот на Сорен Кјеркегор е вистинска експлозија. Сè започнува кога умира бискупот Јакоб Петер, човек што Кјеркегор долго време го почитувал. Но, на неговиот погреб, новиот црковен авторитет Ханс Ласен Мартенсен го нарекува „Минстер“ што значи „сведок на вистината“. Тој го израмнува со апостолите.
Во тој чин нешто во Кјеркегор се крши.
За него, „сведок на вистината“ не е титула, тоа е живот на страдање, ризик и радикална вера, каков што имале апостолите и ранохристијаните. Да се каже дека еден удобен, богат и почитуван бискуп е таков сведок, за Кјеркегор било предавство на христијанството.
И тогаш започнува неговата отворена војна со официјалната црква.
Кјеркегор почнува да го издава списанието „Моментот“ (Øjeblikket), каде без милост ја напаѓа Данската народна црква. Неговите зборови стануваат остри како нож: Оди дотаму во своите текстови, каде што вели дека официјалната црква е само илузија на христијанство, дека свештениците живеат удобно, а зборуваат за вера што бара жртва.
Дека луѓето се „измамени“ мислејќи дека се христијани само затоа што се родени во христијанска држава. Тој практично извикува со громогласен крик: – „Ако ова е христијанство, тогаш јас не сум христијанин.“
Овој напад не поминува без цена. Кјеркегор станува осамен и исмеван во јавноста, игнориран од институциите и осамен до крајност. Во 1855 година, на улица, тој колабира. Го носат во болница. Таму одбива да прими причест од свештеник и тоа е последен чин на неговиот протест против институционалната вера.
Набргу потоа умира.
Во бескраен разговор со својот Христос.
