Ели, ликовна уметница, графичарка, сликарка, креативец посветена на применетата ликовна уметност. Како ги спои класичните искуства од ФЛУ со дизајнот на твоите креации?
- Во овој случај, постои само надоградување би рекла. Мислам дека уметникот треба да пројавува интерес за многу работи, а потоа да ги исфилтрира и инфилтрира во еден вид на дело т.е креација. Од секогаш сум имала интерес за нешто ново. И низ целокупното образование не се задржав на само една дисциплина. Напротив секоја нова ми беше надополнување на претходната. Така и експериментирањето стана поинтересно. Од слики, цртежи, графика, па до инсталации и интервенции во простор. Благодарение на тоа, изложбите иако обработуваа една тема, сите беа различни.
Така да, сè додека станува збор за игра со боја и форма, не постои пречка, туку само надоградување. Впрочем слободата, како еден од главните темели на самата уметност е она што ми овозможува да не се ставам во некаква си рамка. А “новото” во овој случај го користам како естетска категорија за иновација, изненадување и надминување на предходната фаза. Без разлика дали станува збор за употреба на нов вид на материјал, игра со боја, или поинаков пристап при користење на одредена техника. Кога ќе престане овој процес, мислам дека уметникот се затвора во тој т.н. круг на сигурна препознатливост на стилот и креативноста се намалува.
Во моментов го канализирам творечкиот наплив на друго поле, а останувам доследна на таа игра со боја, форма и дизајн. Сето она што претходно било изведено, сега само на еден поинаков начин. Од друга страна, па мило ми е што несакајќи тргнав по друг пат кој уште на почеток, пред 12-13 години стартуваше неочекувано добро. А воедно беше инспирација и поттик за многу други да го следат мојот пример.

Охрид е твојот дом, инспирација, би рекол Муза за твојата креативност. Таму е и твоето ателје. Дали мислиш дека уметничката сцена во Македонија е прецентрализирана? Отсекогаш ја замислував Ликовната академија во Охрид. Или барем добар дел од годишните изложби да биде во преубавиот град на Охридското Езеро.
- Да, Охрид е мојот дом. Таму го завршив основното и средното образование. Потоа продолжив со студии на ФЛУ, дојде магистерската, па следуваа проекти, изложби и други уметнички случувања. Од 1999 година сум почесто на релација Охрид- Скопје. Можноста повремено да живеам и работам во Скопје го гледам само како надополнување. Токму поради она што го спомнавте во самото прашање. Скопје го надополни Охрид во поглед на изложби, театарски претстави и културни настани.
Охрид живее само за времето на летнaта сезона, која едвај трае два месеци и кога најголем настан е Охридско Лето. Охрид заслужува да биде центар на културата. Меѓутоа мислам дека ситуацијата со централизација е слична насекаде. Низ поголемите европски центри т.е. таму каде што има поголема концентрација на луѓе и концентрација на капитал има и побогат културен живот. Но секако дека може многу повеќе да се направи за да се раздвижи Охрид и на тоа поле вон летниот период. Така да, ако сакаме да биде Ликовната Академија во Охрид тогаш треба да имаме во предвид дека студентите би требало редовно да посетуваат културни настани. Што подразбира едуцирање преку посета на тие настани, а не само исполнување на редовните факултетски часови. И тоа не изложби ради – реда. Не секоја изложба значи и квалитетен инпут во културната сцена.
Мило ми е што поединци во последно време се трудат да го заживеат културниот живот во Охрид. Но сепак има државни институции чија работа е тоа. На Охрид му фали музеј со историска постојана поставка со дела од уметници од македонската ликовна сцена. (Нешто слично како изложбениот простор во Даут Пашин Амам каде е сместена постојаната поставка на македонската ликовна уметност XIV-XX век.) Такво нешто би била одлична можност не само за студентите, туку и за туристите да се запознаат со имиња на нашите великани како Мартиноски, Личеноски, Мазев, Манев, Чемерски, Атанасов…
Од друга страна жално е што Охрид сè уште нема театар. Клучен момент со кој што може да се заживее културната сцена. Од толку објекти во изградба не се најде за сходно да се реши и тоа прашање. Не можам да замислам културен центар без театар. За мене театарот е духовна храна, место каде ги полнам батериите и се надградувам на еден поинаков начин.

Кога сме кај Охрид, постои ли шанса градот да го задржи скапоцениот статус на УНЕСКО? Како дозволивме да бидеме до толку апатични, незаинтересирани за најубавите нешта во земјата.
- Денес за жал, стана нормално да се конвертира и комерцијализира културното наследството. Остануваме слепи на фактот дека со тоа всушност се одзема духот на градот. Сведоци сме на уривање на куќи со уникатна градба, стари и по еден век, градење на масивни куќи во старото градско јадро и со тоа неповратно нарушување на каскадниот ефект на уникатната охридска архитектура. И сето ова со амин на одговорните институции.
Доцниот капитализам нема милост кон ништо. А посебно не кон стара и уникатна архитектура. Денес како да не постои разлика помеѓу санирање, реставрација и градење ново. Десетици маркантни објекти засекогаш го изгубија својот лик и денес исто како да не постојат. Градот полека ја губи својата препознатливост. Си ја арчиме историјата. А нели, печатот на архитектурата е највидлив. Нејзините симболи се оставнина за идна археологија и историја.
Она што забележувам е тотална незаинтересираност на инстуциите за исполнување на зададените препораки на кои се обврзале. Замислете, станува збор за препораки од пред десетина години и секоја година наместо да се намалуваат барањата од УНЕСКО, кај нас се зголемуваат. Очигледно е дека не си ги знаеме и цениме вредностите. Овде капиталот контролира каде, што и кога ќе се гради. Насушно се потребни квалитетни и разумни луѓе, но пред сè храбри, да кренат глас, посебно внатре во самите засегнати институции. Ако не се исполнат барањата, тешко дека ќе го задржиме статусот на УНЕСКО.

Како е да се биде креативец во Македонија? Што би предложила за подобрување на статусите на ликовните уметници? Посебно на креативците кои посветено се занимаваат само со применетата уметност?
- Денес поимот креативец за жал сè почесто се поистоветува со поимот претприемач. Како уметници и занаетчии, доведени сме во состојба кога треба да минуваме повеќе време низ бирократски лавиринти, отколку во ателје. Eдноставно живееме во едно време во кое наместо да бидеме сфатени подобро како креативци, остануваме ограничени во поглед на делувањето заради комерцијализацијата на уметничкиот простор. Викаат “млитав е духот во кој што нема гнев”. Гневот, кој уметникот треба да го има кон оптштествените девијации, каде како инспирација, оваа општествена неправда, преку порив ќе се актуелизира.
Денес би рекла дека живееме во едно време во кое царува апатијата. Во време каде постои сфаќање и тој горчлив вкус дека нешто не е како што треба, а сепак провејува една линија на рамнодушност и незаинтересираност. Уметникот е тој кој што секоја установена норма треба да ја доведе во прашање. Да пронајде начин преку кој ќе ги направи транспарентни тековните проблеми и случувања. Од друга страна, за да живееш како уметник треба да постои првенствено интерес за уметност. Она што ќе го сработиш од слики, цртежи, графики и слично да пројавува интерес кај пошироката публика. Да може од креативната работа да си обезбедиш егзистенција. Интересот кај публиката е клучен, но потребен е и интерес од државата. Што за жал, тој интерес низ годините е се помал.
Улогата на мецена од минатото, треба да го превземе државата, да понуди олеснувања и стимулации на уметничкиот пазар. Денес, во време на променети вредности, за жал имам престава дека најчесто некој би купил дело со единствена мотивација како декор за домашниот ентериер или со некоја евтина порака дека треба да го “зграпчиш денот и да сјаеш”. За да се фасцинираш од делото не ти треба никаква позадина, празен ѕид или евтина порака. Доволно е самото делото! Сите овие политики водат кон тоа најголем дел од уметниците да се пренасочуваат во други попрофитабилни области.
Среќна сум што фатив и живеев дел од периодот кога буквално скокавме од една во друга изложба, брзавме да аплицираме на конкурси додека предходните уште траеа. Со еден збор кога сцената беше жива! Борбата на уметникот и занаетчиите продолжува и денес во ова време на хипер- комодификација. Борбата за нивниот статус и нивното место во општеството, останува и денес несигурно и неразбрано.