Грабливи птици
Сив сокол
Сивиот сокол и сите други видови од родот на соколите имаат некои заеднички морфолошки карактеристики, кои што можат успешно да се користат за нивното распознавање. Тие карактеристики се следниве:
Горниот дел на клунот од основата им е свиткан и од секоја страна има израсток во вид на заб кој што навлегува во соодветен жлеб во долниот дел на клунот. Носните отвори имаат тркалест облик. Пленот го ловат во летање, а се хранат само со живи примероци. Крилјата му се долги колку и опашката. Во должина може да израсне и до 50 см. Машките единки секогаш се помали од женките. Гнездата ги прават на високи дрвја, или на тешко достапни карпи. Женката снесува од 3 до 4 јајца на кои што лежи 28 дена.

Сокол остриж
Од горната страна бојата на пердувите на овој сокол му е кафеава со пепелаво-син одблесок. Во должина може да израсне до 32 см.
Се гнезди во пештери и високи дрвја. На пролет женката снесува од 2 до 3 јајца врз кои што лежи 29 дена.

Јастреб кокошкар
Сите јастреби се карактеризираат со набиено тело, релативно куси и заоблени крилја и прилично долга опашка. Кај јастребите нозете и очите имаат жолта боја. Исто така бојата на пердувите од горната страна на телото од мажјакот е кафеаво-пепелава, а на женката е кафеава.
Јастребите кокошкари се хранат со животинска храна. Карактеристично за нив е што за време на зимскиот период се селат на југ заедно со другите птици-преселнички.
Гнездата ги прават на врвовите на високите дрвја, а во месец април или мај женката снесува од 3-4 јајца врз која што лежи 37 дена.

Јастреб врапчар
По општиот изглед личи на јастребот кокошкар, а од него се разликува по тоа што е два пати помал. На тилот има бела дамка.
Јастребот врапчар е доста крволочен и лови ситен дивеч (потполошки, гулаби…).
Гнездата ги прави на високите дрвја каде женката положува 4-5 јајца на кои што лежи од 31 до 33 дена.

Сур орел
Суриот орел во однос на другите видови орли е најголем. Во должина може да израсне до 90 см, а раскрилен може да достигне и до 220 см. Бојата на пердувите му е темно кафеава.
Се храни со зајаци, куни и други живи цицачи. Карактеристично е тоа што живее во парови во трајна врска. Гнездата ги прави на тешко достапни карпи, а понекогаш и на високи дрвја. Кон крајот на март, или на почетокот на април женката снесува од 1 до 3 белузнави јајца, а инкубацијата трае 45 дена.

Орел крстач
Орелот крстач е нешто помал од суриот орел и во должина може да израсне околу 75 см. Најчесто ги населува шумските подрачја во чија близина има поголеми рамнини. Се храни со зајаци, лисици а во случај на потреба и со храна од мрша. Гнездата ги прави исклучително на високи дрвја. Во април и мај женката снесува од 1 до 3 јајца и лежи 45 дена.

Орел клокташ
Орелот клокташ има црно-кафеава боја на пердувите. Очите и канџите му се жолти, а крилата му се долги колку и опашката. Во должина може да израснео колу 70 см. Во летање може да се распознае и по неговото огласување, што прилега на лаење на куче.
Се гнезди по високи дрвја. Женката обично снесува по 2 јајца на кои што лежи 43 дена.

Џуџест орел
Овој вид според својата големина се вбројува меѓу нашите најмали орли. Во должина може да израсне и до 50 см, а раскрилен достигнува околу 130 см.
Горниот дел на телото му е костенлив со потемни дамки, додека долниот дел на телото му е бел. Опашката му е костенливо обоена, а од долната страна има попречни пруги. Се храни со глувци и други цицачи, а се гнезди по дрвја. На нашето поднебје е прелетен и ретко се забележува.

Орел рибар
Орелот рибар е долг околу 60 см, а раскрилен достигнува и до 175 см. Задниот дел на вратот и на грбот му се жолтеникаво-пепелави, додека долниот дел на телото му е со бела боја. Се храни исклучиво само со риби. Гнездата ги прави по високи дрвја. Кон крајот на април женката снесува најчесто 3 јајца врз кои лежи 36 дена.

Белоопашест орел
Бојата на пердувите во целина му е темно кафеава, додека опашката му е бела. Мошне е голем и во должина може да израсне околу 90 см, а раскрилен до 250 см. Главата му е светло рѓеста, а кај постарите единки опашката е бела по која го добиле и името. Најчесто се гнезди по високите дрвја, кон крајот на март женката снесува до 2 јајца на кои лежи 35 дена. Се храни со риба, водни птици, а по потреба се храни и со мрша.

Птици пливачи
Дива гуска
Оваа гуска во тежина може да достигне од 3 до 5 кг. Стомакот и надопашјето се бели додека другите делови на телото од оваа гуска се темно пепелави.
Во април дивата гуска носи од 5 до 8 јајца на кои лежи од 29 до 30 дена. По одгледувањето на младите во месец август ги напушта нашите краишта и се сели во Африка.

Лисеста гуска
Се одликува со клунот кој има портокалова боја. Од дивата гуска се одликува по белата дамка. Кај нас може да се забележи за време на селидба .

Дива пајка или пајка глувара
Клунот на дивата пајка и е сплескан, а од страните има рожести израстоци кои што помеѓу себе се испреплетуваат и прават сито за пресејување на тињата. За време на парењето мажјакот има свадбено руво. Главата и вратот му се црвено-зелени, а околу вратот има бела гривна. Женката е помала од мажјакот (до 1 кг.). Перјето е костенливо и е со пруги и дамки.
Дивата пајка е птица преселница , но таа се гнезди и кај нас. Парењето започнува во месец март, а гнездата ги прави на висока трева, во грмушки кај водата или во шамаци. Женката снесува од 8 до 15 јајца, кои што ги лежи 25 дена. На есен пајките се собираат во јато, а при летањето јатата се во облик на клин.

Берија
Свадбеното руво кај мажјакот е мошне живописно обоено. Пердувите на главата кај мажјакот му се кафеави, околу очите се сјајно зелени, а градите му се црни со брановидно бели линии на крилјата. Женката има кафеаво-пепелаво боја. Мажјакот тежи од 300-350 гр.,а женката е за 100 гр. полесна. Женката снесува по 8-10 јајца, на кои што лежи од 22 до 25 дена.

Пајка ластарка
Пајката ластарка е птица преселница, кај нас е зимски резидент. Во месец март повторно се враќа на север, каде што се гнезди. Во тежина може да достигне и до 1кг.

Кокошки
Голем тетреб
Живее во шумски предели чија што надморска висина поминува преку 1000 метри. Мажјакот во должина може да достигне до 75 см, во тежина до 5 кг.
Главата на мажјакот е покриена со црни пердуви,а над очите во облик на полумесечина има јасно изразена црвена кожа. Женката е помала од мажјакот за околу една третина и има рѓеста -жолтеникаво боја испрскана со црни точки.
Тетребите ноќеваат на дрво, а взори се спуштаат на земја и бараат храна. Исхраната на тетребите се состои од разни инсекти, пупки, шумски семиња и плодови. Се пари рано напролет . Во овој период тетребите се собираат во помали јата, а ако кон нив се доближат повеќе тетреби, тогаш петлите водат борба. Спарените женки носат од 6 до 8 јајца, а инкубацијата трае од 26 до 28 дена.

Фазан
Постојат околу 100 видови на фазани, кои што меѓусебно се разликуваат. Едни се со џуџеста големина, додека други се со големина колку една мисирка. Некои од овие видови се гнездат на земја, додека други на дрвја.
Можат да се сретнат три подвида на фазани и тоа:
-Обичен фазан кој на главата носи пердуви во облик на уши и нема бел ѓердан околу вратот.
-Монголски фазан на гушата има бел ѓердан, но нема пердуви во облик на уши.
-Кинески фазан или фазан гривнеж кој има бел ѓердан околу вратот и пердуви на гушата во облик на уши. Поради вкрстувањето имаат заедничко име –ловни фазани.
Во тежина петлите може да израснат од 200 до 1600 гр.,а женките се помали и тежат до 1100гр. Како и другите видови кокошки, фазанот е сештојад. Женката снесува од 8 до 14 јајца, на кои што лежи од 23 до 24 дена.

Полска еребица
На нашата територија живее средноевропската полска еребица. Полската еребица се одликува со изразито пепелава заштитна боја со потемни и посветли дамки и пруги. И мажјаците и женките на стомакот имаат поголема темно кафеава дамка во вид на потковица, која што кај мажјакот е редовно поистакната. Женките се разликуваат од мажјаците само по шаренилото на пердувите во рамената на крилјата. Кај нас полските еребици кон средината на февруари се двојат во парови и бараат погодно место за гнездење. Еребицата во гнездото носи и до 20 јајца која ги лежи 21 ден.

Еребица камењарка
Камењарката во споредба со сите други кокошки кои што живеат во нашата околина е најубава.
Во тежина петелот може да израсне од 570 до 650 гр., а некои примероци и преку 800 гр. Женките се полесни од мажјаците за околу 100 гр. Камењарката е доста распространета во нашата околина, за време на летниот период може да се сретне на нашите планини, а во зимскиот период се спушта на пониските делови. Еребиците се доста пребирливи во однос на храна каде најголем процент во нејзината исхрана завземаат надземните сочни делови на тревите. Камењарката е моногамен вид. Кон крајот на февруари и почетокот на март се двои во парови, прават многу едноставни гнезда каде што женката носи од 8 до 14 јајца, а инкубацијата трае 23 дена.

Потполошка-препелица
Потполошката во тежина може да израсне и до 150 гр. Како преселна птица во нашите краишта потполошката доаѓа во април и веднаш се одделува во парови, а тие најчесто прават гнезда во младо жито. Женката снесува од 8 до 14 јајца и на нив лежи 19-20 дена. Во почетокот на септември потполошките се собираат во септември и се селат на југ.

