Биодиверзитетот на Моноспитовското Мочуриште

6 мин. читање

Риби

Риболовот во Моноспитовското Мочуриште бил важна активност од егзистенцијално значење на локалното население. Но и покрај нивното значење ,не е познат точниот видов состав на фауната на рибите.

Имајќи ја предвид моменталната ситуација во Моноспитовското Мочуриште (исушено и со многу лош квалитет на вода) не е ни чудно што во самото мочуриште се среќаваат мал број видови риби. Во Моноспитовското Мочуриште се среќаваат видови кои живеат во околните реки. Мочуриштето не е постојано живеалиште за најголем дел од рибите, но претставува значаен локалитет за нивното мрестење. Тоа особено важи за штуката.

Податоците од локалното население кажуваат дека, не толку одамна штуката заедно со други видови краповидни риби се задржувале преку цела година во делови од Моноспитовското Мочуриште кои биле постојано под вода.

Во водите на река Струмица се среќаваат следните видови риби: штука, платиче, струмичка мрена, струмичка штипалка, клен. Струмичката мрена и струмичката штипалка живеат во истечните води, но не и во Моноспитовското Мочуриште и мирните делови на каналите.

Штука

Водоземци и влекачи

Во Моноспитовското Мочуриште и неговата околина се регистрирани 11 видови водоземци и 16 видови влекачи.

Водоземци: обичен тритон, голем тритон, дождовник, жолт мукач, зелена крастава жаба, крастава жаба, лисна жаба, лукова жаба, далматинска жаба, грчка жаба, зелена жаба.

Влекачи: речна желка, блатна желка, херманиева желка, ѕиден гуштер, македонски гуштер, голем зелен гуштер, зелен гуштер, слепјак, рибарка, белоушка, жолт смок, ждрепка, ескулапов смок, стрелец или џитка, медова змија и поскок.

Водните станишта се неопходен дел во животниот циклус на водоземците и на некои влекачи. Тие ги полагаат нивните желатинозни јајца во водата и од моментот кога ќе се родат живеат во водата во форма на ларва (полноглавец). Во времето на парење карактеристични се хоровите на мажјаците со нивното крекање, посебно во предвечерните часови, што на местото му дава елемент на природност и дивина.

Голем зелен гуштер

Птици

И покрај тоа што фауната на птиците во Македонија била интензивно проучувана во периодот од 1918 до 1950 година, сепак пишани податоци за богатството на видови птици на Моноспитовското Мочуриште воопшто не постојат. Со оглед на неговата местоположба во сливот на р.Струмица, Моноспитовското Мочуриште во минатото несомнено имало исклучително значење за птиците кои се селеле долж аристетоловиот пат на миграција(долината на р.Струма). Таа претпоставка е поткрепена од бројните сеќавања на старите рибари чиј опстанок пред исушувањето зависел од мочуриштето.

Исушувањето на мочуриштето имало катастрофален ефект врз живиот свет и довело до директна загуба на живеалиштата на овие птици. Тука пред се станува збор за скоро целосно исчезнување на водената површина која привлекувала многу различни видови патки, нуркачи, па дури и пеликани и орли-рибари. Заради исушувањето на Моноспитовското Мочуриште и влажните ливади значително е намален бројот на штрковите кои гнездат во неговата околина.

Во Моноспитовското Мочуриште се регистрирани 112 видови птици, но овој број со сигурност не е конечен, и веројатно ја надминува бројката од 130 видови. Од вкупниот број на видови, 48 се поврзани со блатните станишта, додека останатите се поврзани со обработливите површини во непосредна близина, грмушестите предели, или доаѓаат од околните населени места.

Како гнездилки на мочуриштето се среќаваат малиот воден бик, дивата патка, обичната и зеленоногата барска кокошка, блатната еја, калуѓерката и неколку видови на трскари. Во гнездовиот период по храна доаѓаат и црниот штрк, сивата чапја, малата бела чапја и малиот орел кликач. На презимување или при миграција се среќаваат и малиот нуркач, повеќе видови патки, како беријата, свиркачот, крецката, чапји, рибарки и други. Во најблиската околина на Моноспитовското Мочуриште во мал број се среќаваат разни видови грабливи птици (јастреб-кокошкар, јастреб-врапчар, глувчар, лисест глувчар, орел-змијар, ветрушка, пчеларка, пупунец, кукавицата, чучулиги и други.

Штрк

Цицачи

Во Моноспитовското Мочуриште и неговата околина се среќаваат повеќе видови цицачи, почнувајќи од малите инсектојадни животни(како што се ровките) до покрупни месојадни животни(како видрата и лисицата). Повеќето од нив живеат постојано во Моноспитовското Мочуриште и неговата околина, каде нашле поволни еколошки услови за живот, но има и такви кои повремено доаѓаат, пред се во потрага по храна.

Во мочуриштето и блатните станишта се среќаваат видови чијашто исхрана е поврзана директно со водните станишта. Такви видови се: водната пољанка, блатната ровка, малата ровка, бизимската пољанка, видрата и други. Овие видови се одлични пливачи и нуркачи. Најчесто копаат дупки покрај бреговите, чии отвори се надвор или во водата. Исхраната им варира, почнувајќи од треви, корења, растителни плодови, па до мали водни ракчиња, ларви од инсекти, инсекти и помали водоземци. Исклучок е видрата која воглавно се храни со риби. Исто понекогаш во потрага по храна може да се сретне и дивата мачка.

Влажните ливади се станишта во кој живеат поголем број цицачи. Се хранат со растителна и животинска храна. Како најчести видови може да се истакнат следните: градинарска ровка, полскиот блатен глушец, обичниот крт и други. Има и видови кои преку ден се сокриени во дупки, а навечер излегуваат во потрага по храна. Такви видови се: шумскиот глушец, невестулката, обичниот твор и други.

Има и такви кои честопати знаат да направат штети на земјоделските посеви. Почести видови кои се среќаваат во обработливите површини се: ежот, обичната пољанка, џуџестиот глушец, обичната кртица, дивиот зајак, лисицата и други.

Невестулката
Автор:
Има дипломирано на факултетот за ветеринарна медицина на универзитетот св. Кирил… повеќе