Кога би требало да се претставите со неколку зборови, што би рекле за себе?
- Пред сè, би се претставила како мајка. Мајка на Верче, која ме научи што значат безусловната љубов, трпението, храброста и истрајноста. Јас сум човек кој верува дека секој има право на среќен и исполнет живот, без разлика на своите различности. Жена која не се откажува лесно, која верува во добрината на луѓето и која научила дека и најмалите чекори можат да донесат големи промени. Здружението „Вера“ за мене не претставува само организација. Тоа е мојата животна мисија, мојата борба, но и мојата надеж дека можеме да изградиме општество во кое секое дете и секој човек ќе биде прифатен, почитуван и сакан токму таков каков што е.
„Вера“ функционира повеќе од една деценија. Вашата ќерка Верче порасна, а со неа и успесите на здружението. По кој пат ја организирате манифестацијата „Убави сме, свои сме“?
- Здружението за помош и поддршка на лица со попреченост ВЕРА постои веќе 17 години и дејствува со една единствена цел – прифаќање на лицата со попреченост како еднакви граѓани на оваа општество. Манифестацијата „Убави сме, свои сме“ е една од нашите најзначајни активности и нешто на што сме особено горди. Секоја година ја организираме со многу љубов, посветеност и ентузијазам. Оваа година ја реализираме по десети пат.
Нашата цел од самиот почеток беше лицата со Даунов синдром да ги извадиме од рамките на предрасудите и стереотипите и да им дадеме простор да покажат кои се, што умеат, што сакаат и колку многу можат да придонесат во општеството. Преку оваа манифестација сакаме тие да не бидат само тема за разговор, туку активни учесници во јавниот живот. Да бидат на сцена, да бидат видени, слушнати и аплаудирани. Да покажеме дека имаат таленти, способности, желби и соништа како и сите други.
Верче порасна, а со неа пораснаа и нашата борба, нашите искуства и нашата желба да продолжиме понатаму. Зад нас се многу моменти, насмевки, успеси, но и предизвици. Манифестацијата веќе е едно големо семејство ,и сите заедно се радуваме на учесниците .

Дали успеавте да ги постигнете целите што ги зацртавте со манифестацијата? Дали има напредок во инклузијата во изминатите десет години?
- Верувам дека успеавме да направиме многу, но исто така сум свесна дека сè уште имаме многу работа пред нас. Пред десетина години, кога ги започнувавме нашите активности, за многу луѓе Дауновиот синдром беше непозната тема. Постоеја многу предрасуди, стравови и недоволно информации. Денес сè почесто се зборува за инклузија, за прифаќање и за еднакви можности. Луѓето се поотворени, децата се повидливи, а и возрасните лица со Даунов синдром сè почесто го наоѓаат своето место во заедницата.
Но, инклузијата не смее да остане само убав збор што ќе го употребуваме во пригодни прилики. Таа треба да биде реалност во училиштата, градинките, институциите, работните места и секојдневниот живот. Не е доволно само да ги прифатиме овие лица, туку треба да им овозможиме да учат, да работат, да создаваат, да бидат самостојни и да живеат достоинствено. Не бараме сожалување, туку разбирање, поддршка и еднакви можности. Најголем успех за мене би бил денот кога нема да мораме да организираме посебни настани за да покажеме дека овие лица се дел од нашето општество, затоа што нивното место во него ќе биде сосема природно и прифатено.
Многу личности од јавниот живот и експерти се приклучуваат во реализацијата на настанот. Колку тоа придонесува за неговата видливост и успешност?
- Поддршката од јавните личности, уметниците, професорите, стручните лица и сите добронамерни луѓе е од огромно значење за нас. Секој нивен придонес, секое присуство и секоја подадена рака испраќаат силна порака дека оваа борба е заедничка. Кога личности кои се препознатливи во јавноста ќе застанат покрај лицата со Даунов синдром, тие не само што ја зголемуваат видливоста на манифестацијата, туку помагаат и пораката за прифаќање да стигне до поголем број луѓе.
Особено ми е драго што со текот на годините имаме луѓе кои не се само наши гости, туку станаа вистински пријатели и поддржувачи на нашата работа. Најмногу поддршка добиваме и од учениците од сите основни и средни училишта во општината кои секоја година се побројни и многу среќни што ќе дадат свој белег на овој настан за нивните другарчиња. Сепак, најголемите ѕвезди на овој настан се токму лицата со попреченост. Тие се во центарот на вниманието, тие се причината поради која постоиме и тие се нашата најголема инспирација. Сите други сме тука за да им помогнеме нивниот глас да се слушне посилно.

Организирате и многу хуманитарни проекти. Од каде ја црпите силата и мотивацијата? Дали се соочувате со проблеми?
- Силата најмногу ја црпам од Верче, од децата и лицата кои се дел од нашето здружение, од нивните насмевки и од нивната искрена радост. Тие се мојата најголема мотивација. Кога ќе видам дека некој од нив направил чекор напред, дека стекнал нова вештина, дека се почувствувал прифатен и вреднуван, тогаш знам дека сè што правиме има смисла. Секако, не е секогаш лесно. Постојат моменти на замор, разочарување и неизвесност. Се соочуваме со финансиски предизвици, недоволна институционална поддршка, административни пречки, но и со сè уште присутни предрасуди во општеството.
Понекогаш најтешко е кога знаете колку многу им е потребна поддршка на овие семејства, а немате доволно ресурси за да им помогнете на сите. Но, не дозволуваме тешкотиите да нè обесхрабрат. Научив дека кога една врата ќе се затвори, треба да побараме друга. Благодарна сум на сите хумани луѓе, компании, институции и пријатели кои веруваат во нашата работа и ни помагаат да продолжиме.
Оваа година посебно сум горда и благодарна што после 10 години настанот е поддржан од општина Струмица и нашиот Градоначалник Петар Јанков. А за мене, најголемата награда не е признание или благодарница. Најголемата награда е насмевката на едно дете, среќата на еден родител и сознанието дека сме направиле нечиј живот барем малку поубав.
Која е пораката што сакате да им ја пренесете на читателите на „Моја Струмица“?
- Мојата порака е да научиме да гледаме со срцето, а не со предрасудите. Да не ги гледаме лицата со попреченост низ нивната дијагноза, туку низ нивната личност, нивните способности, желби и соништа. На овие деца и возрасни лица не им треба сожалување. Им требаат љубов, можности, образование, поддршка, пријателства и место во општеството. Им треба шанса да покажат колку можат, наместо некој однапред да одлучи што не можат. Би сакала секој од нас да се запраша што може да направи за светот да биде подобро место за сите. Понекогаш е доволна една насмевка, еден искрен разговор, една пружена рака или едно отворено срце.
И на крај, би ја повторила нашата порака: „Убави сме, свои сме!“
Затоа што сите сме различни, но сите сме еднакво вредни. Секој човек заслужува да биде прифатен, почитуван и сакан. Да не се обидуваме да ги менуваме различните, туку да го менуваме светот за да има место за сите. Тоа е мојата борба, тоа е мисијата на „Вера“ и тоа е пораката што сакам да ја оставиме зад нас.
