Постои огромна разлика меѓу нарачување легитимна анализа, платена реклама или спонзориран текст и нарачка на новинарска содржина со однапред зададена порака. Првото може да биде легитимно, доколку е транспарентно означено. Второто е сериозен проблем за професионалното новинарство.
Премиерот Христијан Мицкоски гостуваше во емисијата „Топ тема“ на Тв Телма. Во еден миг, фатен во некаква психолошка замка, тој слободно искажа неколку факти за кои јавноста одамна знае или се сомнева, но кажани од шефот на владата, звучат крајно контрадикторно и запрепастувачки погубно за демократијата. Тој кажа дека не е проблем да се нарачаат текстови во медиум. Кога премиерот вели дека може да се нарача текст во кој било портал и да се напише сешто, природно се поставува прашањето, дали зборува хипотетички, обидувајќи се да ја дискредитира информацијата, или зборува од сопствено искуство со функционирањето на медиумите?
Самата изјава не докажува дека премиерот и неговите најблиски соработници нарачувале текстови, но испраќа лоша порака кон довербата на граѓаните во објективното известување на медиумите. Од Мицкоски би очекувале многу појасно објаснување. Дали тврди дека написот на „Фајненшл тајмс“ е нарачан, дали има докази за тоа и дали неговата Влада или политичкиот круг околу неа некогаш нарачувале медиумски содржини.
Новинарството постои токму за да ја контролира власта, а не власта да го контролира новинарството. Кога тие улоги ќе се измешаат, граѓанинот ја губи можноста да разликува информација од пропаганда. А тоа е еден од најопасните проблеми за нашето кревко демократско општество.
Во контекст на оваа несреќна изјава на премиерот Мицкоски, ќе си земеме слобода да поставиме едно прашање: Дали политичките фигури кои се на функција во Струмица имаат миленици меѓу медиумите, И зошто на поставени прашања од интерес на јавноста, тие не одговараат и ги одбиваат дадените интервјуа и прашања од нашиот портал?
Насловна фотографија: Скриншот од Тв Телма