Песната ,,Стој” од Мизар е една од најмоќните и најмрачни песни на македонската алтернативна сцена. Снимена е во средината на 1980-тите и објавена на првиот албум на бендот. Видео спотот е направен во 1986 година. Песната звучи како да е направена за иднината, за сите идни времиња и невремиња. Од денешна перспектива, останува најбунтовната химна на македонската авангардна уметност. Но, таа не е само бунтовна по формата и музичката естетика, туку по суштината и духот.
СТОЈ е песна за личноста згазена од безличниот систем, на било кое уредување, иако е напишана во време на југословенскиот систем, таа е огледало на секоја државна репресија врз слободоумието. Постои онтолошки крик за слобода на личноста кој одекнува од оваа песна.
Во тогашниот општествен контекст, песната е доживеана како бунт против системот, против безличната власт и против колективната послушност. Стиховите во песната ја ледат крвта. ,,Јас губам”… гнев, страв, пораз, минливост… стиховите се редат како што тече еден процес на полициско испитување. Гласот шепоти во крик за „редот“ што гази луѓе, а особено потресен е мотивот „лице без лице“ симбол на анонимната моќ, негативната селекција и бирократијата.
Дополнителна контроверза предизвикува и самата иконографија на Мизар. Бендот користи византиски и православни музички елементи во време кога таквиот израз бил невообичаен во мејнстрим рок-музиката. Духовна револуција во царство на бирократијата. Поради нивниот авангарден стил, христијанската аскетска симболика и нагласениот македонски културен идентитет, властите гледале со сомнеж… Но, Мизар се омразени од медиокритетот, од буржујот на секое политичко уредување. Музиката на Мизар е мака за партократските и лицемерни политики на било која власт. Мизар може да ги засака само човек кој ја љуби слободата.
Она што ја прави „Стој“ толку силна и денес е тоа што песната не нуди точен општествено-политички одговор. Таа е крик на човек што се чувствува притиснат, неправедно притворен, задушен и принуден да се соочи со вистината за светот. Бол и бес на млад човек-сонувач на кој сакаат да му го направат животот пекол. Драматичната бас линија на Илија Стојановски која хипнотички ја води песната од почетокот до крајот, тапаните на Панта Џамбазовски, сирените на полициските возила, бесни кучиња со пена на устата… и театралниот вокал на Таневски Горан, гитарите на Горазд Чаповски кои ја раскинуваат психата, ја прави оваа песна икона на македонската авангардна уметност. Песната денеска, после 40 години од создавањето, звучи уште помодерно и поавтентинчо од било кога, што е впрочем одлика на секоја длабока и генијална уметност.
Слушај го гневот, јас губам, од уста тече пена!”
Ова е слика на човек на работ на издржливоста. Пената е излив на бес, очај и немоќ. Лирскиот субјект чувствува дека губи контрола над себе. Ова е последното треперење на една душа која е распната од инквизиторскиот однос на авторитетите. „Признај, во уши ми ѕвони, признај…“
„Остани чист, дигни рака за вековен пораз“. Не прифаќај лаги и компромиси. Поразот е неминовен, пад уште од првото искушение, но ти си оној кој се бори до крај. „Признај, тоа си ти“ е исповед, срцето на песната. Не е обвинение кон некој друг, туку кон слушателот и кон самиот себе. Престани да бараш виновници, признај дека и ти си дел од проблемот. Секое учество во светот на лагата е само уште еден клинец забиен во телото на вистината.
Најсилната општествена слика во песната е „Редот“. „Редот е голем, ме газат, тој нема лице“… системот нема лице, а зазема лик на монструм, толпата, бирократијата или било која безлична моќ, тие немаат лице, тие се безлични и токму заради таа безличност тие не поднесуваат индивидуи со лица. Силата што го гази човекот е анонимна и затоа уште пострашна. Тоа е инквизиција на умот! Но, инквизицијата се материјализира и низ демократски системи, низ теократија, и низ секое уредување каде владее тиранијата на нискоста и потпросечноста.
„Еден крик во грло ме гуши, го губам здивот“…
Крикот не може да излезе. Тоа е чувство кога човек сака да каже нешто важно, но стравот и околностите го замолчуваат. Наместо ослободување, крикот останува заробен внатре, станува отровна материја и ја гуши личноста. Се случува имплозија во песната. Вокалот експлодира кон внатре, а музиката во спротивен правец предизвикува ерупција на надворешната енергија. Крајот на песната е катарзичен. Целата музика се претвора во бладање на уништен човек.
„СТОЈ“ е песна за поразот кој ја нагриззува човечката душа одвнатре, како однапред зададена состојба. Кога човекот се помирил со неправдата и станува или дел од безличната толпа, или полудува. Затоа рефренот постојано бара: „ПРИЗНАЈ, ПРИЗНАЈ, ПРИЗНАЈ.” Едно континуирано испитување на свеста која мора да признае дека е виновна. СТОЈ е песна за длабоката корупција на државата, насилството, партијата, масата луѓе против поединецот, корпорацијата против работникот, систем на владеење со страв и кодошење, безличие и понижување на човечкиот потенцијал.
