На денешен ден, пред 82 години, е формирана Македонската филхармонија – единствениот симфониски оркестар во нашата држава. Институција која непрекинато ѝ дава поддршка на класичната музика. Во време кога таа, на глобално ниво, се соочува со предизвикот да допре до нови генерации публика, важно е да ја препознаеме нејзината безвременска вредност. Класичната музика не е само дел од нашето културно наследство – таа е жива уметност, неисцрпен извор на инспирација и темел врз кој се развивале безброј музички правци и жанрови.
Македонската филхармонија е основана на 24 ноември 1944 година, само 11 дена по ослободувањето на Скопје. Идејата за формирање симфониски оркестар ја иницирала група музичари предводена од композиторот и диригент Тодор Скаловски, во чиј дом, на улицата „Крушовска“ во Скопје, се одржал првиот основачки состанок.
Меѓу основоположниците бил и композиторот и диригент Трајко Прокопиев. Првиот јавен симфониски концерт бил одржан на 15 декември 1945 година, под диригентство на Скаловски. Во првите години оркестарот функционирал под различни имиња и во рамките на други институции, меѓу кои Радио Скопје и Македонскиот народен театар. Во 1960 година конечно се конституирал како самостојна институција под името Македонска филхармонија.
Низ нејзината историја диригирале бројни познати домашни и странски диригенти, а настапувале и светски реномирани солисти. Филхармонијата гостувала во повеќе европски и светски земји. Во 2017 година доби нов, современ концертен дом во Скопје, со акустички услови наменети за симфониска музика. За жал наскоро го изгуби своето првично име и од „Македонска филхармонија“ таа се преименува во „Филхармонија на Република Северна Македонија“. Филхармонијата денес продолжува да го негува светското класично музичко наследство, современата музика и творештвото на македонските композитори.