Ване, најпрвин честитаме за признанието кое пристигна од Хрватска, наградата „Овца во кутија“ за најдобра необјавена сликовница, која беше доделена на меѓународниот саем на книгата „Интерлибер“ во Загреб. Наградите се секако еден вид резиме, точка на еден креативен труд и пат кој го минува уметникот. Нели е најголема награда кога авторот е свесен дека направил убаво дело (книга, слика, илустрација, плакат…) и уште повеќе кога тоа дело ќе допре до својата публика, која ќе го препознае и вреднува.
- Така е, убаво е чувството кога нешто што си го создал успева да допре до другите луѓе. И во таа смисла наградите се убави, кога се случува тоа искрено препознавање, особено кога доаѓа од луѓе кои со голема посветеност ја разбираат и негуваат уметноста на сликовницата. Хрватска има исклучително развиена сцена за сликовници, веројатно една од најсилните во регионот. Таму сликовницата не се доживува единствено како книга за деца, туку како вредно книжевно и ликовно дело. Имаат сериозна издавачка продукција, плодна авторска и илустраторска сцена, ама најважно е тоа што има и силна институционална поддршка која овозможува континуиран развој. Резултатите од нивните културни политики се особено видливи надвор од границите на Хрватска, каде што хрватски автори и илустратори редовно добиваат признанија на престижни меѓународни фестивали и манифестации.
Затоа оваа награда за мене има особена вредност, бидејќи доаѓа од средина со високи критериуми и голема почит кон уметноста на сликовницата. Јас се надевам дека наградата ќе биде само една почетна точка за оваа сликовница, би сакал да има можност да излезе од рамките на регионот и да стигне до што поголем број деца.

Поминаа повеќе од дваесет години од твојата самостојна изложба во галеријата „Точка“ во Скопје. А сигурно повеќе од 25 години откако се занимаваш посветено со уметничкиот израз. Тоа е долг период. Слики, изложби, илустрации, плакати, многу дизајнирани книги и списанија… Како одеше креативниот пат? Од сегашна дистанца, кој период ти оставил најголем впечаток и дали мислиш дека уметничкиот развој оди линеарно по некаква зацртана линија, или пак има издигнувања и падови?
- Мојата прва самостојна изложба беше во 2000 година во Работничкиот универзитет во Струмица, а во Културниот центар „Точка“ во Скопје изложував во 2004 година. Кога ќе се навратам на изминатите повеќе од дваесет и шест години, не можам да кажам дека гледам една права линија, туку многу различни патеки, скршнувања, враќања, па дури и многу погрешни правци. На почетокот повеќе истражував, експериментирав со различни техники, форми и начини на изразување, но со текот на времето, постепено почнав да го поедноставувам мојот ликовен јазик и да го отфрлам она што го чувствував како непотребно. Денес сè повеќе ме привлекува можноста со многу малку елементи да изразам некоја емоција или да создадам приказна.
Во моето творештво постојано се враќаат мотивите на куќата, човекот, осаменоста, припадноста, потрагата по нешто што ни самите не знаеме што е, но нивното значење низ годините постепено се менува. Куќата, на пример, некогаш беше пред сè засолниште, место на сигурност и припадност, а со текот на времето почна да добива човечки особини, чувства и сопствен карактер. Понекогаш ми се чини дека преку тие куќи, всушност, можам најдобро да ги препознаам промените кај самиот себе.
Не би можел да издвојам еден период како најзначаен, секој имал своја цел и улога во мојот развој. Мене лично најмногу ми значат моментите кога ќе почувствувам дека нешто во мојот израз се менува, дека она што дотогаш сум го работел повеќе не ми е доволно. Тогаш мора да се вратиш назад, да се изгубиш, да се ослободиш од она што добро си го научил, за повторно да откриеш нешто ново. Можеби најубавото во целиот тој процес е што и уметноста се менува заедно со тебе. Животот, со сите свои подеми и падови, постојано нè обликува. Некои од најважните лекции ги учиме токму низ тешките искуства, кои нè тераат да ги преиспитаме своите цврсти уверувања, да го видиме светот поинаку и да развиеме поголемо разбирање за другите.. И сето тоа неизбежно се прелева и во тоа што го создаваме. Додека мислиш дека ти си тој што ја обликува уметноста, сфаќаш дека и таа, на некој суптилен начин, всушност те обликува тебе.

Ателјето е најбезбедното место за уметникот. Тоа е неговиот дом, заштита, еден вид вселенска капсула со која патува. Дали имаш потреба од голем простор за да се изразиш или и една мала „куќа“ како планетата на „Малиот принц“ е доволна за да ја реализираш твојата идеја, план. Дали твоето ателје – работилница собира доволно дела или тие се наоѓаат по други домови и колекции? Тешко ли е да се разделиш од некоја слика која толку се вдомила во твојот личен простор?
- Ми се допаѓа споредбата со вселенска капсула, и во моите слики често се појавуваат куќи што изгледаат како да се преселиле некаде во вселената.. Никогаш не сум мислел дека на уметникот му е неопходен голем простор за да создава големи идеи. Секако дека е убаво да имаш доволно простор за работа и движење, но за мене многу поважно е во тој простор да се чувствувам слободно. Ателјето е значајно зошто тоа за мене е место во кое не мора ништо да објаснувам, во него можам бескрајно да грешам, да се предомислувам, да уништам нешто на кое сум работел со денови и следното утро повторно да почнам од почеток. Тоа е светиот простор на уметникот во кој имаме право да не знаеме што праваме, сè додека не откриеме.
А што се однесува до сликите, дел од нив остануваат долго со мене, други заминуваат во нови домови. Има слики со кои потешко се разделувам, не толку поради нивната вредност, колку поради времето и чувствата што ги поврзувам со нив. Но, со текот на времето научив дека не мора сите да останат кај мене, има нешто многу убаво во помислата дека некоја моја слика живее во туѓ дом, дека станала дел од нечие секојдневие. Тоа е и најубавата судбина за една слика со куќа, на крајот и самата да си најде дом.

Последниот период си автор на плакатите за театарскиот репертоар на Народен театар Антон Панов – Струмица. Поминуваш повеќе време во комуникација со театарскиот процес. Каква е перспективата од страна на театарската уметност, отвора ли нови видици кога едно ликовно дело треба да се базира врз друга уметност, (филмски или театарски плакат или пак сценографија) и колку плакатот треба да предизвика и да биде во функција на претставата (или филмот), а колку простор останува за твојот личен израз и естетски стил? Впечатлив е и твојот плакат за последното издание на „Скопскиот филмски фестивал.“ Убава ли е задачата која му е дадена на уметникот да биде гласник на едно збиднување?
- Она што особено ме привлекува кај театарскиот и филмскиот плакат е предизвикот една сложена приказна, со многу ликови и значења, да се сведе на една единствена слика. Во соработката со Народниот театар „Антон Панов“ сакам да бидам вклучен во создавањето на претставите уште од најраните фази, зашто клучно е да ја разберам визијата на режисерот, концептот на сценографијата и костимите, улогата на музиката и атмосферата што заеднички ја создаваат сите овие елементи. Кога успевам да го почувствувам духот на претставата, тогаш можам да разберам што сака да раскаже режисерот и на кој начин. Дури потоа започнува моето визуелно истражување и потрагата по идејата за плакатот.
Плакатот, според мене, не треба буквално да ја прераскажува претставата или филмот. Јас сакам да ја доловам суштината на делото преку едноставна визуелна метафора, која ќе ја разбуди љубопитноста на гледачот и ќе ја почне претставата уште пред да се дигне завесата. Секако, важно ми е плакатот да го задржи и мојот авторски печат, тој е како еден вид визуелен потпис, нешто што природно произлегува од мојот начин на размислување и изразување, без притоа да ја наруши уметничката визија на претставата.
Слично размислував и при создавањето на плакатот за Скопскиот филмски фестивал. Сакав да ја доловам магијата на филмот, она посебно чувство кога ќе се изгаснат светлата и пред нас ќе се отвори некој сосема поинаков свет. Идејата беше преку едноставна слика да ја претставам таа можност за бегство од секојдневието, за откривање нови приказни и перспективи.

И покрај твоите чести патувања на фестивали, промоции и изложби, твојот дом е Струмица. Ване, што се случува со ликовниот живот во градот? Ликовна програма речиси и да не постои во градот. Ги нема повеќе и алтернтивните изложби, проекти на поединци и креативци. Како настана таков празен простор во кој ги нема изложбите и активностите на македонските уметници, ликовните настани кои се случуваат низ цела држава, како да нѐ заобиколуваат? Струмица пред три децении беше центар на ликовните збидувања, заедно со Прилеп, Скопје, Битола…
- Ова е прашање на кое не е едноставно да се одговори, особено кога станува збор за градот во кој живееш и кој на многу начини го чувствуваш како дел од сопствениот идентитет. Струмица има уметници, талентирани луѓе, публика и уметничка традиција со која можеме да се гордееме. И покрај тоа, поразително е што уметниците кои со години посветено работат, создаваат и го претставуваат овој град и нашата држава на меѓународната културна сцена, речиси и да немаат никакво учество во креирањето на културните политики на сопствениот град. Недостасуваат стручни луѓе на вистинските места, јасна визија и континуитет. Можеби најдобар пример за состојбата со ликовниот живот во Струмица е токму нашата градска галерија. Имаме прекрасен галериски простор кој, наместо да биде центар на ликовните збиднувања, најголемиот дел од времето стои под клуч. Имаме галерија, имаме уметници, имаме публика, но немаме ликовна програма што ќе ги поврзе.
Независната ликовна сцена речиси и да исчезна. Дури и она што до пред неколку години се создаваше со ентузијазам, преку мали изложби, алтернативни настани и неформални средби, постепено згасна. Мислам дека институциите и општината не ја препознаа вредноста на тие иницијативи и нивното значење за културниот живот на градот.
Секако, има и светли примери во културниот живот на градот. Годинашното прво издание на JAZZ STReam Festival беше вистинско освежување, со одлична програма и енергија каква што одамна недостасуваше. Тука е и нашиот театар „Антон Панов“, кој има одлична програма и квалитетна продукција. „Астерфест“, кој повеќе од две децении ја негува филмската уметност и носи меѓународни автори и остварувања пред струмичката публика, е уште еден значаен пример.
Овие примери ги спомнувам затоа што покажуваат дека Струмица има потенцијал за многу повеќе, но неколку добри настани во годината не се доволни. Потребна ни е жива културна сцена што ќе функционира во текот на целата година, со редовни изложби, кинопрограма, концерти, промоции, гостувања и разговори со автори, независни иницијативи и простори за средби и размена на идеи.“

Автор си на монументалните слики – мурали на Градската библиотека и Прочистителната станица во Струмица. Дали се чувствуваш покомотно во големиот формат? Тие се физички спротивни на минијатурите кои ги работиш за сликовниците, или тоа е толку релативно, како што кажа Хамлет „Дајте ми една лушпа од орев и јас ќе се осеќам комотно како да ја имам цела вселена„“. Дали форматот е пресуден за самото дело? Имам слушнато дека Петар Мазев не можел да се изрази во малиот формат. А Пол Кле, на пример, создаде од малата минијатурна слика – голема уметност.
- Мислам дека форматот го менува начинот на кој комуницираме со делото, но не и неговата суштинска вредност. Кога работам мурал, мојот однос кон сликата е сосема поинаков, отколку кога работам слика. Не размислувам само за тоа што ќе го насликам, туку и за просторот во кој таа слика ќе продолжи да живее. Во муралите морам да размислувам за архитектурата, за опкружувањето, за растојанието од кое ќе се гледа, за луѓето што секојдневно ќе поминуваат покрај него, бидејќи муралот станува дел од градот, се претопува во неговиот простор и станува дел од неговото секојдневие.
Кај илустрацијата за сликовница односот е многу поинтимен, овде имаш мало парче хартија, неколку линии, неколку бои, а треба да создадеш цел свет во кој читателот ќе може да влезе. Но сепак, интересно е што и покрај огромната разлика во димензиите, суштинскиот предизвик за мене е многу сличен, а тоа е да создадам нешто што ќе има живот, атмосфера и приказна. Можеби затоа никогаш не сум го доживувал малиот формат како ограничување, ниту големиот како гаранција за поголема слобода. Една мала илустрација може да содржи цела вселена, а еден огромен ѕид може да остане празен и покрај сите бои што ќе ги нанесеме на него.
Дали е на пат подготовка на нова изложба, нова книга, или нешто на кое посветено работиш периодот, или тоа ќе го видиме во наредната година?
Секогаш работам на повеќе идеи истовремено. Некои од нив се развиваат релативно брзо, други со години стојат запишани на хартија, или едноставно некаде во главата, чекајќи го вистинскиот момент.
Последниве години сликовниците имаа значајно место во моето творештво, преку нив можам да ги спојам сликата, приказната, дизајнот и онаа слобода на размислување што најчесто ја поврзуваме со детството. Но, сликарството и понатаму е веројатно најважниот дел од мојата уметност, имам идеи за нови слики, нови приказни и нови средби со публиката. Не би сакал сè уште да најавувам нешто што не е целосно оформено. Со годините научив дека некои работи е подобро да не се брзаат. Особено оние што ни значат.
Ти благодариме за разговорот и времето кое го посвети за читателите на „Моја Струмица“.
- Ви благодарам и јас за разговорот и за вниманието што го посветувате на уметноста и културата во нашиот град.
