Во Струмица сѐ е европско, на хартија.

2 мин. читање

Во Струмица е најавена германска експертиза за јавниот градски превоз.
Во соопштението од Општината е објавено:

,,Во Струмица престојува делегација од германската Општина Шланген, предводена од градоначалникот Маркус Пистер, заедно со тим експерти од областа на мобилноста, урбанизмот и заштитата на животната средина. Со германските експерти и нашите општински служби разменуваме искуства и добри практики, анализирајќи ги можностите за натамошно унапредување на јавниот превоз во Струмица.”

И секако дека овие вести се многу убави, но што значат за граѓаните? Во Струмица сè е европско на хартија, а никако европските вредности да профункционираат во пракса. Запрежни возила на главните булевари, неосветлени трактори, и никаде на ниту една станица од автобуските постојки, сè уште нема табли со основни информации за возниот ред на јавниот градски превоз. Граѓаните, а посебно повозрасните кои не користат смарт телефони, ги чекаат автобусите на слепо, без основните информации за нивната дестинација и број на автобус кој сообраќа кон одредената дестинација.

Јавниот градски превоз во Струмица функционира преку ЈСП „Струмица-Транспорт“ кое е основано со одлука на Советот на Општина Струмица на 16 март 2023 година. Претпријатието беше формирано со цел да се воведе првиот организиран јавен превоз во Струмица, со посебен фокус на одржливост и екологија преку користење на електрични автобуси. Самиот превоз и линиите официјално започнаа да функционираат во септември 2024 година. Во моментот, градскиот транспорт е во големи финансиски долгови и загуби.