Удобно вкочанет – Comfortably Numb или анестезираната личност на системот

7 мин. читање

Постои момент кога сте се родиле на овој свет, кога сте оделе во училиште, сте го откривале светот. Постои момент кога од животот сте сакале да го исцрпите максимумот, но и да добиете возвратен импулс, енергија и љубов. Постои моментот кога не сте добиле ништо, празнина и во еден миг сте станале толку отуѓени од сопственото постоење, што дури и страдањето почнува да ви изгледа далечно.

Една песна го покажа пред светот токму тоа чувство! Песната е на Пинк Флојд од 1979 година, објавена како дел од епскиот албум „The Wall“ („Ѕидот“). Оваа песна има длабоко личен корен во животот на Роџер Вотерс. Пред еден настап на „Пинк Флојд“ во Филаделфија, Вотерс имал силни стомачни грчеви. Бил исцрпен од долгите турнеи и очекувања на музичките продукции. Лекарот му дал моќен седатив, опишувајќи го, наводно, како средство доволно силно за да смири слон. Вотерс подоцна се присетувал дека настапувал во состојба на екстремна физичка и ментална вкочанетост. Подоцна дознал дека боледува и од хепатитис. Тоа искуство станал дел од темелот за една од емоционално најсложените композиции на „Пинк Флојд“. Вотерс го преобразил тоа лично искуство во приказната за ликот Пинк, главниот лик од проектот „Ѕидот“ и од филмот на Алан Паркер според сценариото и личната автобиографска приказна на Вотерс.

Пинк лежи во хотелска соба, едвај свесен и неспособен за настап. Повикан е лекар за да го оспособи да излезе на сцената. Концертот мора да продолжи. The Show Must Go On! Публиката чека, парите се платени, а никој не се чини особено загрижен за она што се случува во самиот човек. Лекарот му дава некаква моќна инјекција.„Само мало боцкање.“

Тоа е катарза на трагедијата на сè она што го довело Пинк до овој момент. Низ целиот албум „The Wall“, гледаме како Пинк постепено се отуѓува од светот. Неговиот татко загинал за време на Втората светска војна, пред Пинк да може да фо запознае, да порасне покрај него. Неговата заштитничка мајка станала уште еден дел од емоционалниот ѕид што го опкружува. Искуствата на училиштето, мобингот и исмевањето од учителите, неуспешните врски и сè поголемата изолација – сè тоа придонело за создавање на повредена личност која крвари пред очите на светот, но светот не го интересира туѓата крв и болка.

Во „Comfortably Numb“, сегашноста почнува да се преплетува со минатото.

Пинк се сеќава на треската од детството, кога рацете му изгледале огромни, како балони. Чудните физички сензации од болеста во детството се одраз на дезориентираноста што ја чувствува сега. Тој не може соодветно да објасни што му се случува. Опкружен е со луѓе, а сепак е целосно сам. Каде заминал целиот живот, каде си заминало детството и тагата на еден ден кога го губи своето милениче…

Еден од највпечатливите моменти во оваа балада е контрастот помеѓу Роџер Вотерс и Дејвид Гилмор. Вотерс ги пее строфите од перспективата на докторот, со гласот на некој што клинички прегледува пациент. Гилмор ги пее рефрените од перспектива на Пинк, изведувајќи ги едни од најнежните и најранливите вокални делови во историјата на бендот. Тоа е разговор помеѓу некој што се обидува да го врати Пинк во реалноста и некој што постепено исчезнува од неа. А потоа доаѓа последната строфа.

„Кога бев дете, фатив еден минлив поглед…“

Oвие стихови се однесуваат на последните траги од невиноста, на сеќавањето за времето кога животот сè уште содржел нешто убаво, необјасниво, кога животот се отвора пред нас во сета своја перспектива. Дали иднината доаѓа кон нас или ние се движиме кон неа, а таа како некоја судбина постојано ни се оддалечува. Пинк се обидува да се наврати на тоа чувство, но тоа е исчезнато. Тој не може повторно да го доживее. Детето пораснало, а сонот исчезнал. Тој го поминал целиот свој живот градејќи ѕид за да се заштити од светот. Сега, кога ѕидот е завршен, тој конечно е заштитен од сè што некогаш го повредило. Но, истовремено е отсечен и од сè она што би можело да го направи за да се почувствува жив.

Тој избегал од болката, но ја изгубил смислата, конекцијата со себе.

Откако докторот ќе го поврати со коктелот инјекции, Пинк се враќа на сцената, но нешто е променето. Неговиот лик и физиономија не се повеќе истите. Неговата ранливост прераснува во агресија, а неговото изолирано битие се преобразува во вознемирувачка, фашизоидна личност. Следните песни веќе го откриваат тоа што се случува кога еден повреден човек ќе почне да ја проектира својата внатрешна омраза врз светот. Има ли нешто пострашно од повреден човек кој ја добил повторно својата моќ и се качил на бината?

Системот успеа да го натера Пинк повторно да настапува, да го продолжи шоуто, но не направи ништо за да го спаси од болот и наталожената светска мака.

„Comfortably Numb“ најпотресната песна во историјата на рок-музиката . Не станува збор само за отсуство на чувство за било каква болка. Човек може да стане толку емоционално отуѓен, што повеќе не знае како да се врати кон себе. Тој не осеќа никаква дразба, нема никакво чувство и емпатија за другите. Тој преоѓа во светот на машините. Најстрашното нешто не е чувството на болка и страдање. Најстрашното е кога во даден миг ќе се сетиш дека некогаш си чувствувал нешто…

Детето пораснало. Сонот го нема.

И некаде зад тој ѕид, Пинк сè уште чека да почувствува нешто. 

„Еј, ти, надвор на студот остар

сè поосамен, сè постар што стануваш,

можеш ли да ме почувствуваш?

Еј, ти, што стоиш на сред премин

со стапала од јадеж изглодани

и насмевки избледени,

можеш ли да ме почувствуваш?

Еј, ти, не помагај им светлината да ја стават в гроб,

не предавај се без борба, не биди им роб!“

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе