Мило ни е што го прифативте овој разговор со „Моја Струмица“. За почеток, кажете ни нешто за себе – кој сте и колку долго живеете надвор од Македонија?
- Јас сум Игор Митрев, од Струмица. Во Швајцарија сум од 2021 година. Заминувањето беше голема животна одлука, но сакав да пробам, да видам како е животот надвор и дали навистина може да се заработи и живее поинаку.
Кога заминавте од државата и од вашиот роден град – Струмица?
- Од Струмица заминав во 2021 година и оттогаш живеам и работам во Швајцарија.
Која беше главната причина поради која ја напуштивте Струмица? Дали беа економските причини, состојбата и нефункционалноста на системот, образованието, љубовта и бракот, или можеби комбинација од повеќе фактори?
- Главната причина беше материјална, односно желбата за подобра заработка и подобар живот. Но, не беше само тоа. Сакав и лично да се уверам како функционира животот надвор, како се заработува и дали трудот повеќе се вреднува.
Влијаеше и начинот на кој функционира системот кај нас и целокупната атмосфера во општеството. Сакав да пробам нешто поинакво, да стекнам свое искуство и да видам дали навистина животот надвор е подобар.
Каде денес живеете и работите? Како изгледа вашиот живот таму?
- Денес живеам и работам во Швајцарија. На прв поглед можеби изгледа дека животот тука е многу подобар, особено кога ќе се споредат платите со Македонија. Но, кога ќе живееш тука и ќе ги видиш сите трошоци и обврски, сфаќаш дека не е сè така едноставно.
Мојот работен ден, на пример, започнува многу рано. Излегувам од дома околу 6 часот наутро, а дома се враќам околу 18 часот навечер. Кога ќе стигнеш дома, веќе си уморен и практично немаш време за ништо.
Со што се занимавате и што работите? Дали денес го работите она што отсекогаш сте го посакувале или моравте да се прилагодите на можностите што ги нуди пазарот на трудот?
- Работам како гипсер. Тоа е чесна и тешка работа, но не би рекол дека е нешто што отсекогаш сум сонувал да го работам.
Како и многу луѓе кои заминуваат во странство, човек мора да се прилагоди на она што го нуди пазарот на трудот. Најважно е да работиш и да обезбедиш егзистенција за семејството.

Дали сте задоволни од животот во странство? Кога би требало да направите искрена споредба – што добивте, а што изгубивте со заминувањето?
- Искрено, не сум целосно задоволен. Материјално има можности за заработка, но цената е голема.
Работниот ден ми почнува во 6 наутро, а дома сум околу 18 часот. После работа немаш многу време ни за себе, ни за семејството, ни за некои други активности. Практично, поголемиот дел од денот ти поминува на работа и во обврски.
Добив искуство и видов како функционира животот во друга држава, но изгубив многу време со семејството и со луѓето што ми значат.
Кои ги гледате како најголеми предности на животот во странство, а кои се неговите најголеми недостатоци?
- Предност е тоа што има повеќе можности за работа и заработка и што човек може да види како функционира еден поуреден систем. Има ред и многу работи се организирани подобро.
Но, недостатоците се исто така големи. Животот е скап, работата е напорна, а слободното време е многу ограничено.
Особено би го издвоил социјалниот живот. Барем од моето искуство во Швајцарија, социјалниот живот не е ист како кај нас. За возрасен човек можеби е полесно да се навикне, но за мали деца тоа може да биде проблем.
Кај мене беше така што децата немаа многу со кого да си играат. Нема ја онаа спонтаност што ја имаме во Струмица – да излезат децата надвор, да се соберат со другарчиња, да си играат заедно. Сето тоа многу ми недостасува.
Колку често се враќате во Струмица? И како се чувствувате кога повторно ќе стапнете на струмичко тло?
- Секоја година се враќав во Струмица, најчесто во лето. Само оваа година не успеав да се вратам.
Кога ќе се вратам, чувството е многу поинакво. Човек дури тогаш сфаќа колку му недостасувало нешто што го земал здраво за готово. Кога ќе ги видиш семејството, пријателите и познатите места, чувствуваш дека повторно си на своето.
Што најмногу ви недостасува од Струмица – луѓето, семејството, пријателите, начинот на живот, храната, јазикот, улиците, мирисите и спомените од детството?
- Најмногу ми недостасуваат семејството, пријателите и начинот на живот.
Ми недостасува тоа што кај нас луѓето се поблиски. Можеш да се јавиш на пријател и за пет минути да се договорите да се видите. Децата можат да излезат надвор и да најдат другарчиња со кои ќе си играат.
Ми недостасува и тоа чувство на припадност – да знаеш дека си меѓу свои.
Дали, и покрај годините поминати во странство, мечтаете еден ден повторно да живеете во Струмица?
- Да. Тоа веќе не е само мечта, туку и план.
Моето семејство веќе го вратив во Струмица, а следното лето, во 2027 година, планирам и јас да се вратам.
После сето искуство во Швајцарија, сфатив дека не е сè во заработката. Секако дека материјалната страна е важна, но човек има потреба и од слободно време, од семејство.