Што ако денес можете да разговарате со Виктор Франкл, Ниче или Аристотел?

3 мин. читање

Американската асоцијација на филозофски практичари (APPA) создаде нешто навистина необично – APPAgpt, платформа која овозможува разговор со вештачка интелигенција дизајнирана да симулира разговор со големи филозофи и мислители од различни историски периоди.

Наместо само да читате што напишале големите мислители, можете да поставите прашање и да добиете одговор во стилот и рамките на нивната филозофска мисла.

Меѓу достапните „соговорници“ се:

• Аристотел – за доблеста, смислата, карактерот и добриот живот.

• Епиктет – за стоицизмот, она што можеме и не можеме да го контролираме и начинот на кој се соочуваме со животните предизвици.

• Фридрих Ниче – за слободата, вредностите, волјата и прашањето како човекот станува она што е.

• Платон – за правдата, доброто, душата, вистината и смислата на знаењето.

• Руми – за љубовта, загубата, копнежот и духовното искуство.

• Виктор Франкл – за смислата, слободата на човекот, љубовта, страдањето и она што останува во човекот дури и кога околностите не можат да се променат.

Има и други мислители, меѓу кои Августин, Буда, Авероес, Симон де Бовоар, Емануел Левинас, Махатма Ганди, Хана Арент, Лао Це, Мајмонид, Џон Стјуарт Мил, Ајн Ранд, Руми, Симон Вејл и Барух Спиноза.

Особено интересно е присуството на Виктор Франкл, основоположникот на логотерапијата. Неговата дигитална симулација е поставена околу темите на смислата, слободата и она што човекот може да го создаде, сака и начинот на кој може да го понесе она што не може да го промени.

Секако, ова не значи дека разговараме со самите историски личности. Станува збор за AI систем кој се обидува да симулира разговор врз основа на нивното јавно достапно дело и идеи. Самата APPA нагласува дека разговорите се од едукативен карактер и дека системот може да даде неточни или нецелосни информации.

Но токму тука се отвора едно интересно прашање:

Ако можеме да му поставиме едно единствено прашање на Виктор Франкл – што би го прашале?

Или на Ниче? На Аристотел? На Епиктет?

Разговорот можете да го започнете овде: https://appa.edu/appagpt/

Напомена: APPAgpt е едукативна AI алатка и не претставува замена за психотерапија, професионално филозофско советување или друг вид стручна помош.

Автор:
Психолог и логотерапевт (психотерапевт), посветен на унапредување на менталното… повеќе