Првиот практичен КТ скенер е направен во 1967-1971 година и бил наречен ЕМИ скенер.

На 1 октомври 1971 година, во болницата „Аткинсон Морли“ во Лондон од страна на Годфри Хаунсфилд и д-р Џејмс Амброуз е направена првата кт снимка. Снимката е астроцитом , односно малиген тумор на мозок кај 41 годишна пациентка. Претходно постоело сомнение за тумор на мозокот и на томографијата јасно покажува темна кружна циста напред на мозокот. Времетраењето на снимањето траело околу 30 минути, а обработката- процесирањето на сликата од страна на компјутер траело 150 минути. За споредба денешните снимања со компјутерска томографија траат неколку секунди до 3-4 минути.

Компјутерската томографија работи на начин така што користи ротирачка рендгенска цевка и дигитални детектори, за да направи повеќекратни, детални слики (пресеци – слајсови ) од телото на попречен пресек и растојанието на слајсовите може да биде од 0.5 до 5 mm во зависност од квалитетот на снимката која се прави. Додека пациентот лежи на маса што минува низ скенерот, овие мерења на рендгенски зраци се обработуваат од компјутер за да се создадат прецизни 3Д слики од коски, крвни садови и меки ткива, нудејќи многу повеќе детали од традиционалните рендгенски снимки.
КТ е широко користен за дијагностицирање на болести и состојби на циркулаторниот (крвниот) систем, како што се коронарна артериска болест (атеросклероза), аневризми на крвните садови и згрутчувања на крвта, состојби на ‘рбетот, камења во бубрезите и мочниот меур, апсцеси, воспалителни заболувања, како што се улцерозен колитис и синузитис и повреди на главата, скелетниот систем и внатрешните органи. КТ снимањето се користи и за откривање на траума, крварења во мозокот и абнормална функција на мозокот или наслаги кај возрасни пациенти со когнитивно оштетување кои се евалуираат за Алцхајмерова болест и други причини за когнитивен пад.
Компјутерската томграфија има јонизирачко зрачење исто како рентгенската снимка, но зрачењето е далеку поголемо. Зрачењето се изразува во mSv што е кратенка од милисиверт што претставува мерна единица на ефективна доза на јонизирачко зрачење ( радијација) примена од човекото тело.
Пример едно снимање со РТГ на граден кош има јонизирачко зрачење од 0.1 mSv или еквивалентно на плус 10 дена природно зрачење од околината. Наспроти тоа КТ на граден кош има јонизирачко зрачење од 7 mSv што претставува еквивалент на 2 години изложеност на природно зрачење од околината.
Компјутерската томографија има и контраиндикации како што се бременост, посебно во првиот триместар, доење, рана детска возраст, телесна тежина – најчесто лимитирано на 120 до 150 килограми, а кај поновите и до 200 кг, потоа алергија на контрастни средства, кај бубрежна инсуфициенција поради аплицирање на констраст, проблеми со хоризонтализирање на пациентот, клаустрофобија. Инаку давањето контраст при снимање може да даде алергиска реакција кај 0.4 % до 1.5 % од пациентите.
Компјутерската томографија покрај медицината се користи и кај безбедноста на аеродромите при проверка на багажот, во археологијата , во проучување на микроорганизмите во геологијата.
Бројот на апарати за компјутерска томографија варира во земји во светот. Пример во развиените земји просекот се движи помеѓу 25 до 30 апарати на еден милион жители. Така на пример најголем број на КТ апарати има во Јапонија по глава на еден милион жители, така што соодност е 114.49 апарати на еден милион жители. Потоа следува Австралија со 65.11 КТ апарати на еден милион жители. На трето место е Исланд со 43.68, потоа САД со 42.64. На петото место е Данска со 39.72, потоа Швајцарија на шесто место со 39.28. Германија е на деветото место со 35.13. Од нашите соседи Грција е на единаесетото место со 35.22 КТ апарати по глава на еден милион жители.
Во Македонија соодносот е 10-12 апарати на еден милион жители , но тој број постојано се зголемува, ако се земе предвид дека се појавуваат и приватни болници кои ги нудат овие услуги.
Како краен заклучок, снимките направени со компјутерската томографија претставуваат безболна, неинвазивна и безбедна процедура кога е правилно индицирана, а информациите што им ги дава на докторите често се клучни за брзо и успешно дијагностицирање, а потоа и за правилно лекување.
