Во тек е поставување на нов тротоар на две улици во населбата Карпош, а паралелно со тоа градежните активности се одвиваат и во населбата Касарна. Откако минатиот месец беше склучен договорот за изградба на пешачка патека на потегот од улицата „Мајка Тереза“ до улицата „Драгољуб Боцинов“, машинската и човечката оператива веќе работат на терен. Со целосната реализација на овие инфраструктурни зафати значително ќе се унапреди пешачката мрежа, создавајќи побезбедни и многу пофункционални услови за секојдневното движење на жителите во овие делови од градот. Вкупната вредност на договорот за овие градежни работи изнесува 666.207 денари. На терен, екипата на „Моја Струмица“ забележа и интензивна работа на новиот дел од паркот во населбата Карпош со што граѓаните ќе добијат уште една убава зелена површина во градот.