,,Небо над Берлин“ ремек делото на Вим Вендерс и на германската кинематографија е филм за човекот, за ангелите, за осаменоста, за градовите во кои луѓето талкаат, за невидливото и за чудесната тежина на самото постоење.
Вим Вендерс не ја раскажува приказната од сценариото на Петер Хандке на традиционален начин. Тој создава еден вид филозофска поема во движење, во која Берлин станува простор меѓу небото и земјата, меѓу вечноста и минливоста, меѓу набљудувањето на животот и неговото вистинско доживување.
Филмот е снимен во 1987 година, две години пред падот на Берлинскиот ѕид. Тој историски момент му дава на делото уште една длабочина: градот е поделен, но поделбата не е само политичка. Таа постои и во душата на човекот. Ангелот копнее да биде човек, а човекот сака да го допре небото.
Главниот лик, ангелот Дамиел, го игра Бруно Ганц. Тој и другите ангели се невидливи за повеќето луѓе. Ги набљудуваат, ги слушаат нивните мисли, ги придружуваат во нивните страдања и осаменост. Нив само чистите детски души можат да ги видат.
Но ангелите не можат да го искусат светот на начинот на кој го искусува човекот.
Не можат вистински да почувствуваат:
Вкус на кафе. Топлина на допир. Болка од повреда. Страв од смртта. Радоста на еден обичен човечки миг. Толку ли заборавивме да се радуваме на детството?
Дамиел постепено станува свесен дека бесмртното постоење, колку и да изгледа возвишено, може да биде и лишено од она што животот го прави вистински.
,,Кога детето беше дете…” се повторува како рефрен низ целиот филм.
Ангелот не сака само да го разбере човекот. Тој сака да стане човек.
Музиката во филмот е посебна димензија, како и во секој филм на Вендерс. Таа го внесува телото, ритамот и немирот во еден филм што често се движи низ тишина и мисли.
Ник Кејв се појавува со бендот во клубска атмосфера, а неговото присуство носи сосема поинаква енергија од ангелскиот свет. Тоа е музика на луѓето, на ноќта, на телото и на нејасната болка.
Тука се случува интересен судир, ангелите го слушаат внатрешниот говор на луѓето.
Човечкото постоење се покажува и како мисла, и како звук, и како телесно искуство.
Вендерс не ја дели духовноста од земното. Напротив, ги доведува во меѓусебна хармонија.
,,Небо над Берлин“ е филм за преобразбата на вечноста во миг. За тоа како еден обичен човечки живот, со сета своја болка и краткотрајност, може да стане нешто што вреди да се избере.
Не е филм што треба да се објаснува, тој е состојба на човечката душа, како сон.
Ако Тарковски ја бараше светлината во распадливиот материјален свет, Вендерс во овој филм ја открива вредноста на тоа да се биде смртен, присутен и способен за љубов.
И на крај, ангелот не станува човек за да го надмине страдањето, туку за да може да го сподели својот свет со некого.
