Добредојде во машината

3 мин. читање

Што сакаш да станеш? Во ред е, ние ќе ти кажеме што сакаш да бидеш!”

Една од најморничавите песни на Пинк Флојд ја напиша и испеа Роџер Вотерс во 1975 година.

Песна за машината и детето кое сака да креира и создава уметност. Машината во оваа песна не е буквално само индустриски апарат, иако звуците кои ја пронижуваат песната од почетокот до крајот се токму тие. Таа машина е системот што го голта човекот!

Во песната некој како да му се обраќа на млад човек кој штотуку влегува во светот на музичката индустрија:
„Добредојде…“ Но тоа „добредојде“ е страшно. Наместо слобода и уметност, креативноста на младоста, те очекува индустријата, парите, славата, договорите и очекувањата.
Вотерс ја напаѓа идејата: системот прво ти помага да станеш успешен, те глорификува, а потоа те претвора во производ, за на крајот да те исплука.

Почнува со тој долг, синтетички звук, како некакво огромно индустриско суштество што се буди. Дванаесетжичаната акустична гитара на Гилмор го пресекува грозоморниот звук на машините.
Нема класичен рок-риф. Нема чувство дека бендот „свири песна“. Наместо тоа ги слушаш синтисајзерите што произведуваат
механички, студени звуци. Грофтаат машините на фабриките. Вотерс пее речиси без емоција. Тој неверојатен музички склоп создава чувство дека човекот исчезнува, а само машината останува.

Песната е особено интересна ако се стави во контекст на албумот Wish You Were Here во чиј склоп е Welcome to the Machine.
Албумот во голема мера се занимава со отуѓувањето, исчезнувањето на Сид Барет и претворањето на уметникот во стока.
Барет бил еден од основачите и клучната креативна сила на раниот Флојд, но постепено бил истиснат од бендот и музичката индустрија. Вотерс подоцна често го користел неговиот случај како симбол на тоа што му прави индустријата на човекот. Те наградува за да му ја продадеш душата. Подоцна оваа идеја ќе се преобрази во гигантскиот проект ,,Ѕидот” во кој поединечно ќе бидат прикажани сите пречки на човекот до своето себеостварување.

,,Влегуваш во светот на уметноста. Ние ќе ти кажеме што да создаваш, како да изгледаш, што да продаваш и што луѓето сакаат да слушаат.“
И најкошмарното нешто е што машината не мора да те присилува. Таа те убедува дека тоа што го правиш е твоја желба.
Добредојде во машината е пророчка песна. Ретко кој во времето кога е издадена, ја разбрал суштината на проблемот кој се секцира во неа. Во новото ремастерирано издание на албумот по повод 50 годишнината од издавањето, песната има две верзии. И двете се како кристален нож кој ја пресекуваат човечката душа на половина. Никогаш поактуелни и посвежи отколку во нашиот утописки капиталистички свет на профитот и грабежот.

,,Што сакаш да станеш? Во ред е, ние ќе ти кажеме што сакаш да бидеш!”

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе