Културата и културната програма во еден град не смее да се дефинира преку неколку летни фестивали. Културата и уметничката програма се долг процес во кој мора да постои континуитет во текот на целата година. Затоа постојат годишните програми за култура.
Дали е тоа така во Струмица?
Проблемот не е во фестивалите самите по себе, туку во тоа дека централизацијата на културната понуда во фестивалски формат станува замена за културната политика.
Во Струмица тоа е одличен пример: преку лето има неколку големи настани, концерти, фестивали, гужва, а потоа културниот живот речиси исчезнува. Со есента доаѓа културната суша и природна апстиненција на публиката. Тој феномен се нарекува „фестивализација на културата“.
Зошто е тоа лошо?
Културата се претвора во настан, наместо во континуитет. Културниот живот не треба да биде нешто што се случува две недели и неколку вечери во август. Театарот, изложбите, литературата, музиката, филмот, современата уметност и образованието бараат секојдневна и целогодишна работа.
Постои буџет за култура од општините, но се финансира само видливоста и готовиот продукт, а не создавањето. Каде се уметниците и нивните творештва во случајот?
Фестивалот како популарна форма е атрактивен за фотографирање, медиуми и политички маркетинг. Сцена, публика, светла, познати имиња. Говори на политичари. Но многу потешко се гледаат резултатите од една година вложување во млад уметник, продукција на претстава, ателје, изложбен простор, студија за музичарите, сцена за рок-музиката или резиденцијална програма.
Локалните уметници остануваат на маргините!
Често се доведуваат гости однадвор, што самото по себе не е лошо, напротив. Но додека домашните уметници немаат простор за континуирано претставување, работа и развој, сите средства се префрлаат на надворешни продукции и изведувачи, мошне често преплатени, со парите од граѓаните.
Може да се случи феноменот: градот може да има „богата културна програма“, а своите уметници да ги нема преку целата година во сопствениот град. Стануваме неми набљудувачи на увезена култура.
Публиката не се гради преку фестивал, туку преку навика.
Ако човек оди на изложба еднаш годишно, на концерт и кино, на фестивал, тоа самото по себе не создава културна публика. Публика се создава кога има програма секој месец, секоја недела, камерни изложби, разговор со уметник, филмска проекција, камерна претстава, поетска вечер, работилници… културата се создава кога имате активна градска галерија, кино, литературен клуб, активен младински културен центар.
Културата не смее да станува туристички декор.
Фестивалот лесно може да се сведе на летна шема. „Да има нешто во градот, да дојдат луѓе, да има потрошувачка“. ,,Да се случува нешто забавно”. Тоа е легитимна функција, но културата е многу повеќе од туристичка понуда.
Во летата се создава илузија дека градот има богат културен живот. Но тоа не е така. Зимските периоди во помалите градови во Македонија владее културна депресија и ништавило.
Ова е можеби и најопасното. Неколку големи настани во лето можат статистички да изгледаат како „богата културна година“, додека останатите девет месеци има празнина.
А фестивалот би требало да биде кулминација на целогодишниот културен живот, а не негов единствен доказ дека културата постои. И има една многу важна разлика!
Фестивалот создава публика за неколку денови. Културната политика со стратегија создава културна средина за многу години.
Токму ова е суштината на проблемот со Струмица. Не дека има премногу фестивали, туку дека има премалку култура меѓу фестивалите.
За распределбата на буџетот за култура и за паушалното кроење на плановите за културната програма, во следна прилика.
