Струмица многу се промени, пред сè, затоа што самите луѓе се променија. Многу струмичани заминаа, а многу нови се населија. Моето детство помина во деведесетите години од минатиот век. Во тоа време, вообичаено, децата се групиравме по маала и игравме во близина на куќите каде што живеевме. Јас и моите другари растевме најчесто во дворот на преубавата бела црква „Св. Кирил и Методиј“, игравме кошарка во училиштето „Маршал Тито“, а летавме фартуни од ридот над градот. Преубаво време поминато со преубави луѓе со кои и ден-денес сум другар.
Во редот на многуте убави спомени, остана врежан и еден кој во моите очи е негативен. Претпоставувам дека е таков затоа што тогаш за првпат видов разгневен народ – народ гневен поради она што му се случува. Не ме држете за збор за имињата, датумите и за другите небитни детали, но на настанот сигурно ќе се присетат и многу други.
Едно неделно утро, или можеби празничен ден, игравме во црковниот двор. Претпоставувам дека беше недела, бидејќи во црквата имаше многу народ. И додека сè беше мирно, одеднаш толпата се разгневи, почна да се турка, да плука по некого, а мислам дека некој почна да фрла и со камења. Тогаш за првпат во мојот живот се исплашив, се повлеков настрана и видов дека народот е гневен на тогашниот струмички владика, Горазд. Еден човек успеа да го внесе владиката во автомобил и никогаш повеќе не го видовме. Зошто се случи тоа и кој бил гревот на тој човек, остана надвор од мојот детски интерес.
И што потоа?
Одреден период свештенството живееше во слога со месното население. Народот ги знаеше свештениците, а тие го знаеја народот. Но, тоа не траеше долго. Во Струмица почна да се собира свештенство од различни краеви на Македонија, што првично беше доживеано како нешто позитивно – и верувам дека беше така. Сепак, некако повторно се наруши тој баланс на меѓусебно познавање и почит.
Набргу потоа, дел од тоа свештенство станаа главни клабери во струмичките кафулиња и обожаватели на наркотици. Некои заминаа и формираа семејства, кај некого беше пронајдено оружје, друг стана хазардер, а трет се разведе. И претпоставувам дека и тоа е човечки – како за сите луѓе, така и за свештенството.
Но, во најновиот бран, дури и тоа „како за сите луѓе“ е далеку надминато. Елитисти кои ги живеат своите минути на слава. Луѓе што склучуваат пакт со политичка или бизнис елита како пакт против напатениот македонски народ. Луѓе кои се хранат со октопод – храна што 95 проценти од народот никогаш нема ни да ја проба, живеат како рок-ѕвезди, а во исто време нè поучуваат за скромност. Има уште многу што да се каже тука, особено во делот за меѓусебната љубов. Кога прашав еден свештеник зошто не му се спротивстават на тоа зло, добив искрен, но поразителен одговор: „Затоа што не сакам да ме пратат да служам во Дукатино.“
Да се вратиме на почетокот: видов разгневен народ. Народ кој се противи на политичките игранки што му ги приредува свештенството. Впрочем, и самиот владика Петар во еден свој настап посочи дека дел од високото свештенство во Струмица е назначено под партиски притисок. Ви текнува кога објавивме дека во сето ова има малку политика, а малку религија? Ја истурија врз нас целата своја гнасотија. Но, како што велат – кој што носи во срцето, тоа и го покажува. Јадните тие. Сосема е нормално политичар да ги собира околу себе политичарите. Но, ќе дојде ден кога вистински христијанин ќе ги собере христијаните. Затоа, треба да бидеме спокојни.