Приказната за близнаците

6 мин. читање

Понекогаш, за да ги разбереме најголемите егзистенцијални прашања – животот, смртта, страдањето, надежта и смислата – потребно е да се вратиме кон една едноставна приказна.

Приказната за двајца близнаци кои живеат во мајчината утроба нè потсетува дека човекот често го смета за крај она што можеби е само премин кон нешто што сè уште не може да го види.

Еве ја приказната…

Во мајчината утроба живееле двајца близнаци. Месеците минувале. Растеле заедно, го делеле истиот свет и го слушале ритамот на мајчиното срце. Еден ден започнале да разговараат.

„Дали веруваш дека има живот по ова?“
„Секако дека има. Мора да има нешто повеќе од ова.“
„Но никој никогаш не се вратил од таму за да ни каже како е.“
„Можеби затоа што сè уште не сме подготвени да разбереме.“
„А што ќе се случи со нас кога ќе излеземе одовде?“
„Не знам. Но можеби ќе го запознаеме светот за кој сега не можеме ни да сонуваме.“
„А што ако тоа е крајот?“

Настапила тишина.

Тогаш едниот рекол: „Ја чувствуваш ли мајка ни?“
„Да.“
„Ја гледаш ли?“
„Не.“
„Ја допираш ли?“
„Не.“
„А сепак знаеш дека постои.“
„Да.“
„Тогаш можеби и животот што доаѓа после ова постои, иако сега не можеме да го видиме.“

Поминале уште неколку недели и дошол денот кога нивниот заеднички свет започнал да се менува. Станало тесно. Нешто ги туркало кон непознатото. Се исплашиле.

„Што се случува?“
„Не знам.“
„Ќе умреме ли?“
„Можеби не умираме. Можеби се раѓаме.“

А потоа дошол моментот.

Напуштиле сè што дотогаш го познавале и се родиле во еден нов свет. За првпат почувствувале воздух. За првпат ја почувствувале светлината. За првпат го виделе лицето на мајката.

И тогаш сфатиле нешто: она што го мислеле дека е крај, всушност било почеток.

Она што го нарекувале „целиот свет“ било само еден мал дел од постоењето. Она што им било непознато било реалноста која ги чекала.

Можеби и нашиот живот е сличен.

Можеби живееме во еден свет што го познаваме, го допираме и го чувствуваме, а сепак не можеме да го видиме она што можеби доаѓа потоа. Како што нероденото дете не може да го замисли животот надвор од мајчината утроба, можеби и човекот не може целосно да го замисли животот по смртта.

И можеби токму затоа смртта толку често ја доживуваме како крај – затоа што непознатото природно ни буди страв. Човекот сака да разбере, да предвиди и да има контрола, но постојат граници до кои неговото искуство може да допре. Тоа што не можеме нешто да го видиме или докажеме со сопственото искуство, сепак не значи дека можеме со сигурност да кажеме дека не постои.

Во таа граница меѓу познатото и непознатото се раѓаат некои од најдлабоките човечки прашања. Што е животот? Што му дава вредност? Дали страдањето може да има смисла? Што останува зад нас? И дали човекот е само она што му се случува или во секоја ситуација има можност да избере како ќе се однесува кон она што го снаоѓа?

Токму тука животот добива една поинаква тежина. Не можеме секогаш да ги избереме околностите, не можеме да го избегнеме страдањето и не можеме да го запреме времето. Но можеме да избереме што ќе направиме со времето што ни е дадено. Можеме да љубиме, да простуваме, да создадаваме, да преземеме одговорност, да им помогнеме на другите и да пронајдеме причина поради која вреди да продолжиме.

Можеби смислата не се наоѓа во тоа да ги имаме одговорите на сите прашања. Можеби се наоѓа во начинот на кој живееме и одговараме на прашањата што животот ни ги поставува.

Можеби смртта не е исчезнување.

Можеби е премин.

Можеби не е последната страница.

Можеби е раѓање во нешто што сè уште не можеме да го разбереме.

Можеби затоа приказната за близнаците толку силно нè допира. Тие се плашеле од она што не го познавале, но токму таму ги чекал новиот живот. Она што за нив изгледало како крај било само граница меѓу два различни начини на постоење.

И ние постојано живееме на такви граници. Се разделуваме, губиме, започнуваме одново, старееме, се менуваме и се соочуваме со нешта што не можеме однапред да ги разбереме. Понекогаш мислиме дека нешто завршило, а подоцна сфаќаме дека токму тој крај бил почеток на нешто ново.

Затоа можеби најважното прашање не е: „Што ќе има после смртта?“

Можеби поважно е: „Што правам со животот додека сум тука?“

Зашто ако смртта е крај – тогаш секој момент е драгоцен.

А ако смртта е премин – тогаш начинот на кој сме живееле, љубеле, страдале, простувале и ја барале смислата добива уште подлабоко значење.

Можеби не знаеме што е од другата страна, но можеме да избереме како ќе живееме од оваа.

И токму таму започнува смислата.

Автор:
Психолог и логотерапевт (психотерапевт), посветен на унапредување на менталното… повеќе