Светот го промени еден воз и еден осиромашен автор, пред точно 29 години, на денешен ден!

3 мин. читање

На 26 јуни 1997 г., Блумсбери го објави „Хари Потер и каменот на мудроста”, од Џ.К.Роулинг — со само 500 примероци. Никој не очекуваше чудо.

Идејата родена во воз

Зад книгата стои неверојатна приказна: Џоан Роулинг ја добила идејата додека патувала со воз кон Лондон. Бидејќи немала пенкало, идејата за Хари, момчето волшебник, ја развила во својата глава, а подоцна почнала да пишува. Наскоро ѝ умрела мајката, а тоа силно и влијаело врз начинот на кој ги обликувала темите за загубата во книгата. Болката и тагата ја вградила во ликот на Хари — осиротено, ситно и црнокосо момче со очила.

Одбиена 12 пати

Ракописот го одбиле 12 издавачи. Дванаесет! Повеќето мислеле дека е предолг за детска книга. Но еден единствен издавач, Бери Канингем од Блумсбери, рекол: „да.”

Само 500 примероци

На 26 јуни 1997, Блумсбери ја објавил книгата со само 500 тврдокорични примероци — 300 биле наменети за библиотеки. Во денешно време еден таков примерок се продал на аукција за околу 471.000 американски долари.

(фотографија од првото издание на книгата, BrokenSphere / CC BY-SA 3.0, Wikimedia Commons)

Псевдонимот

Издавачот предложил книгата да се издаде со иницијали на авторот — се плашел дека момчињата нема да сакаат да читаат книга напишана од жена. Така „Џоан Роулинг” станала „Џ. К. Роулинг.”

Феноменот

За помалку од шест месеци книгата ги освоила речиси сите главни британски награди гласани од деца. До 1999 год. веќе била на врвот на листата на Њујорк Тајмс. Побарувачката станала толку голема, а успехот на серијата бил една од гланите причини поради кои весникот вовел посебна листа за детска литература.

Американското преименување

Американскиот издавач Scholastic платил рекордни $105.000 за правата — и го променил насловот во „Камен на волшебникот” бидејќи сметал дека „филозофски” звучи премногу академски за деца. Роулинг подоцна изјавила дека жали за промената на насловот.

Размерите

Денес серијата е продадена во над 600 милиони примероци — најпродавана книжевна серија во историјата, преведена на над 80 јазици. Вредноста на брендот Хари Потер се проценува на повеќе од 25 милијарди долари.

Сè почнало со 500 книги. И едно патување со воз.

(насловна фотографија- Џоан Роулинг, John Mathew Smith, CC BY-SA 2.0, Wikimedia Commons)

Извори: Wikipedia | Britannica | Harry Potter Wiki