Безбедно при управување електричен тротинет – кампања на Општина Струмица

1 мин. читање

Општина Струмица преку Локалниот совет за превенција започнува со спроведување на новата кампања под мотото „Безбедно при управување електричен тротинет“. Оваа иницијатива претставува широк фронт на соработка во кој покрај локалната самоуправа се вклучени и Секторот за внатрешни работи Струмица, основните и средните училишта, здружението „Родителски фронт“, како и други организации кои со својата надлежност можат да придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Активностите се планирани да се одвиваат во подолг временски период, а во првата фаза активна улога ќе имаат учениците од сообраќајната струка од државното средно училиште „Никола Карев“. Тие ќе вршат едукација на граѓаните преку делење едукативни флаери на клучни локации низ градот, со посебен акцент на пешачките премини и велосипедските патеки каде движењето на тротинетите е најчесто.

Општината најавува дека со почетокот на новата учебна година, кампањата ќе добие уште поинтензивна форма. Стручните служби за сообраќај од Општината, заедно со експертите од средното училиште „Никола Карев“, ќе спроведуваат директна едукација во сите училишта. Овој образовен процес има за цел да ги подготви најмладите за правилно и одговорно учество во сообраќајната мрежа на Струмица, со што долгорочно ќе се унапреди безбедноста на сите граѓани.

Извор:
Facebook страна на Општина Струмица