Секое струмичко лето покрај реките и барите има интересни сцени. Деца се капат во плитките вирови на реката, некој постар човек седи на сенка под врба, а одеднаш – вресок. Низ водата, со елегантни змиовидни движења, плива нешто долго и темно. „Змија! Змија во вода!“ – и за неколку секунди целата река е празна. Возрасните грабаат стапови и камења, а сиромашното суштество што само сакало да улови некоја жаба, бега во трските за да го спаси животот.
Со генерации се провлекува една иста заблуда. Дека секоја змија е смртоносна. Вистината е сосема поинаква. Водните змии што живеат во и околу реките во Струмичко се потполно безопасни за човекот. Тие не се отровни, не напаѓаат луѓе и се едни од најкорисните суштества во речниот екосистем. Во овој текст ќе ги запознаеме поблиску.
Што всушност значи „водна змија“
Во Македонија не постојат отровни водни змии. Сите видови што живеат во и крај водата припаѓаат на семејството смокови (Colubridae) – неотровни змии што ловат во водата, но дишат воздух и не претставуваат опасност за луѓето.
Кога струмичани велат „водна змија“, најчесто мислат на еден од двата вида од родот Natrix – белоушката и рибарката.
Вкупно, на територијата на Македонија живеат 16 различни видови змии, распоредени во четири фамилии. Отровните змии никогаш не живеат во реките.
Затоа, стравот од змија во водата е во огромен број случаи, страв од сосема безопасно животно.