Песната ,,Стој” од Мизар е една од најмоќните и најмрачни песни на македонската алтернативна сцена. Снимена е во средината на 1980-тите и објавена на првиот албум на бендот. Видеоспотот е направен во 1986 година.
Песната звучи како да е направена за иднината, за сите времиња и невремиња.
СТОЈ е песна за личноста згазена од безличниот систем, на било кое уредување, иако е напишана во време на југословенскиот систем, таа е огледало на секоја државна репресија кон слободоумието.
Во тогашниот општествен контекст, песната е доживеана како бунт против системот, против безличната власт и против колективната послушност.
Стиховите во песната ја ледат крвта. ,,Јас губам”…
гнев, страв, пораз, минливост… стиховите се редат како што тече еден процес на полициско испитување. Гласот шепоти во крик за „редот“ што гази луѓе, а особено впечатлив е мотивот „лице без лице“ симбол на анонимната моќ, негативната селекција и бирократијата.
Дополнителна контроверза предизвикува и самата иконографија на Мизар. Бендот користел византиски и православни музички елементи во време кога таквиот израз бил невообичаен во мејнстрим рок-музиката. Духовна револуција во царство на бирократијата. Поради нивниот авангарден стил, христијанската симболика и нагласениот македонски културен идентитет, властите гледале со сомнеж…
Она што ја прави „Стој“ толку силна и денес е тоа што не нуди едноставен одговор. Таа е крик на човек што се чувствува притиснат, задушен и принуден да се соочи со вистината за себе и за општеството околу него. Драматичната бас линија на Илија Стојановски која хипнотички ја води песната од почетокот до крајот, тапаните на Панта Џамбазовски, сирените на полициски возила, бесни кучиња со пена на устата… и театралниот вокал на Таневски Горан, гитарите на Горазд Чаповски кои ја раскинуваат психата, ја прави оваа песна икона на македонската авангардна уметност. Песната денеска, после 40 години од создавањето, звучи уште помодерно и поавтентинчо од било кога, што е впрочем одлика на секоја длабока генијална уметност.
Слушај го гневот, јас губам, од уста тече пена!”
Ова е слика на човек на работ на издржливоста. Пената е знак на бес, очај и немоќ. Лирскиот субјект чувствува дека губи контрола над себе.
„Остани чист, дигни рака за вековен пораз“
Ова е можеби најзагадочниот дел на текстот. „Остани чист“, не прифаќај лаги и компромиси. Поразот е онтолошки, пад уште од првото искушение.
„Признај, тоа си ти“ е исповед, срцето на песната. Не е обвинение кон некој друг, туку кон слушателот и кон самиот себе. Престани да бараш виновници, признај дека и ти си дел од проблемот.
„Редот е голем, ме газат, тој нема лице“
Ова е најсилната општествена слика во песната. „Редот“ може да биде системот, толпата, бирократијата или било која безлична моќ. Важно е што таа „нема лице“ – нема конкретен виновник. Силата што го гази човекот е анонимна и затоа уште пострашна. Тоа е инквизиција на умот! Но, инквизицијата се материјализира и низ демократски системи, каде владее тиранијата на нискоста и медиокритетството.
„Еден крик во грло ме гуши, го губам здивот“…
Крикот не може да излезе. Тоа е чувство кога човек сака да каже нешто важно, но стравот и околностите го замолчуваат. Наместо ослободување, крикот останува заробен внатре, станува отровна материја и ја гуши личноста.
„СТОЈ“ е песна за поразот што настанува кога човекот ќе се помири со неправдата и ќе стане дел од безличната толпа. Затоа рефренот постојано бара: „ПРИЗНАЈ, ПРИЗНАЈ, ПРИЗНАЈ.” Едно континуирано испитување на свеста.
СТОЈ е песна за длабоката корупција на државата, партијата, масата луѓе против поединецот, корпорацијата, владеење со страв и кодошење, безличие…
