Здраво Ико, најнапред да ве прашаме како стигнавте до оваа идеја за воскреснување на расата на кучињата Караман?
- Идејата се роди од чист патриотизам, ентузијазам и желба да го зачуваме она што со векови било симбол на македонските планини и традиција. Караманот е митско куче, дел од нашиот народен фолклор, фрескоживопис и културно наследство. Гледајќи дека оваа бесценета автохтона раса се наоѓа на работ на изумирање, почувствувавме длабока одговорност дека не смееме да дозволиме да го изгубиме овој жив споменик на македонската кинологија. Тоа не беше само идеја, туку долг завет за враќање на достоинството на македонскиот караман.
Кога почнавте со прибирање на единки од расата Караман?
- Процесот на теренска работа, истражување и селекција започна пред повеќе од две и пол децении. Официјално, приказната доби институционална форма во ноември 2004 година, кога е регистриран Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – Караман“ со единствена цел – спас на расата од исчезнување. Тоа беше макотрпна работа која вклучуваше одење по бачила, пребарување на терени низ македонските планини и пронаоѓање на оние последни, изворни генетски примероци од кои започнавме да ја градиме чистата линија.

Каде има најмногу единки од расата Караман?
- Денес единки има низ цела Македонија благодарение на посветените одгледувачи. Сепак, како главен и најголем репродуктивен центар за ревитализација на расата се издвојува западномакедонскиот центар во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски. Овој центар започна со работа во 2017 година со благослов на Епископот Партениј и под раководство на отец Порфириј, каде кучињата се одгледуваат во нивното природно, планинско опкружување. Покрај тоа, природното живеалиште на караманот остануваат планинските и руралните предели каде што со векови функционира како традиционален чувар на стадата.

Со кој најмногу соработувавте за стандардизација на расата?
- Ова е заеднички успех изграден врз силни партнерства. Клучната соработка ја остваривме со Кинолошкиот сојуз на Македонија (КСМ), со чија помош и стручна поддршка со години работевме на мерења, евидентирање, водење матични книги и научна стандардизација на расата. Огромна благодарност и заслуга му припаѓа и на тимот во клубот, како и на браќата Костовски (Влатко и Марјан) кои го напишаа првиот стандард. Оваа тимска истрајност, во соработка со КСМ, неодамна резултираше со круна на нашиот труд – условното признавање на Караманот од страна на Меѓународната кинолошка федерација (FCI).