Молкот на јавните претпријатија честопати зборува погласно од нивните официјални соопштенија. Ова е случајот и со Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Струмица, кое наместо да одговори на конкретни прашања од интерес на јавноста, одбра да ја користи тактиката на игнорирање на медиумите и граѓаните иако преку јавните соопштенија кои ги испраќаат укажуваат дека не можат да се справат со предизвиците.
Ставот на моменталното раководство за наследување руинирано претпријатие е примен и јасен. Зошто отворено не се зборува и за тоа кој направил толкава штета за претпријатието? Видовме поднесени кривични пријави, но што после тоа? Има ли капацитет моменталното раководство да се справи? Што плаќаме ако сметките се толку високи, а услугите толку слаби?
Нашиот медиум испрати електронска пошта до директорот на претпријатието со цел да се расветли статусот на дивите депонии кои повторно се отворени и го нагрдуваат влезот на Струмица по течението на река Тракајна. Побаравме објаснување дали постои план за нивно трајно чистење. До објавувањето на овој текст, одговор не добивме. Во целост ја објавуваме содржината на електронската пошта:
Господине Кире Синдраковски
Ви се обраќаме од медиумот Моја Струмица во врска со видеата кои нашата екипа ги сними на локациите на влезот од Струмица од делот на Тркајна и Сириус и ги објави на порталот. Знаеме дека вие како директор на Јавното Комунално претпријатие ги наследивте овие депонии кои се полнат со секакво ѓубре на посочените локации, веќе речиси една деценија.
Прашањето до вас од наше и од име на јавноста е следното:
Што и како планирате овие диви депонии кои се рак рана на Струмица да ги затворите и конечно да се исчистат овие локации со поставување огради, рампи и секакви заштитни елементи кои би спречиле понатамошно загадување на клисурата на река Тркајна?
До кога претпријатието Комуналец ќе го депонира со трактори отпадот од градот на дивата депонија формирана пред мотелот Македонска куќа веднаш до регионалниот пат за Валандово од претходната локална власт без одобрение на Советот на Општина Струмица?
Во име на транспарентноста на институцијата ве замолуваме да дадете одговор на прашањата. Овие депонии се срам за градот и за секој гостин кој доаѓа од јужниот дел на Струмица.
Ви благодариме, со почит тимот на Моја Струмица.