На 25 април 1191 година пред точно 832 години започнало живописувањето на Црквата Свети Ѓорѓи во село Курбиново, Преспа, Македонија.
Во Курбиново, светците и ангелите насликани на ѕидовите не се веќе далечни и недопирливи. Тие имаат тежина, болка, движење. Ова е чекор кон она што подоцна ќе стане ренесансна чувствителност во сликарството. Овие фрески се сликани многу време пред Ѓото да ги наслика своите фрески во Италија.
За разлика од традиционалната византиска строгост, во Курбиновскиот живопис фигурите се во движење. Драпериите „летаат“, линијата и цртежот се драматични и експресивни.
Ликовите носат внатрешна драма. Погледите не се празни, туку тие се насочени, напнати, речиси немирни, емотивни. Тоа е вистинска реткост за ликовната естетика во тој период.
Иако дел од византиската традиција, непознатиот мајстор во Курбиново си дозволил нешто храбро: да го надмине канонот и да внесе личен авторски израз.
Нешто за кое европските сликари ќе се борат во наредните векови.
Курбиново е тивка револуција на експресионистичкото сликарство!
Фреските во Св. Ѓоргија се предвесник на новото сликарство. Тие не се само религиозна декорација, туку момент кога уметноста почнува да се одвојува од строгата догма и станува сведоштво за човечкото.
Во таа мала црква, високо над Преспа, се случува нешто големо!
Небесното станува човечко — човечкото стреми кон небесното.