Трагедијата во Чернобил, Украина е една од најмрачните пресвртници на модерната цивилизација. Момент кога човечката амбиција, технолошката гордост и системската негрижа се судрија со суровата реалност на природните сили.
Во ноќта меѓу 25 и 26 април 1986 година, во нуклеарната централа ,,Чернобилска нуклеарна електрана”, близу градот Припјат, се случи експлозија во реакторот број 4. Тоа не беше само технички дефект туку синџир од човечки грешки, лош дизајн и опасна култура на прикривање грешки.
Реакторот од типот РБМК имал конструкциски недостатоци. За време на експеримент, операторите ги исклучиле безбедносните системи. Реакцијата излегла од контрола. Следеле две експлозии. Капакот на реакторот бил оттурнат од притисокот на експлозијата. Радијацијата се ослободила во атмосферата.
Радијацијата е невидлива, без мирис, без звук, затоа станала прикриен масовен убиец. Пожарникарите кои први интервенирале не знаеле со што се соочуваат. Многумина починале во рок од две недели од акутна радијациска болест. Светот дознава подоцна за тоа што вистински се случило во Чернобилската нуклеарна централа.
Над 100.000 луѓе биле евакуирани од Припјат и околните населби. Цел регион станал „зона на исклучување“ — место каде времето застанало, а природата тивко го презема просторот и како издвоен дел постои 4 децении без присуство на луѓето.