Пожар во откупен пункт за старо железо

1 мин. читање

Синоќа, припадниците на Територијалната противпожарна единица Струмица интервенираа на гаснење на пожар во близина на булеварот „Климент Охридски“. Огнот зафатил помошен објект во рамките на откупен пункт за старо железо, при што биле зафатени и дел од материјалите кои се наоѓале во непосредна близина.

Во интервенцијата учествувале единаесет пожарникари-спасители со четири противпожарни возила. При пристигнувањето на екипите, пожарот веќе бил во разгорена фаза, а гаснењето се одвивало во исклучително тешки услови. Како главни пречки за пожарникарите биле наведени тешкиот пристап за возилата до самата локација, како и присуството на лесно запаливи материјали кои придонеле за брзото ширење на пламенот. И покрај сите потешкотии, струмичката противпожарна единица успеала да го стави огнот под контрола и да спречи негово понатамошно ширење.

Извор:
ТППЕ Струмица