Требичино се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија, во северозападниот дел на Струмичка Котлина и припаѓа на Општина Василево. Од најблискиот град Струмица е оддалечен 16 километри.
Трибичино се наоѓа во североисточните падини на планината Еленица, на надморска височина од 520 метри. Поради својата надморска височина селото има планинска клима. Селото зафаќа површина од 9,2 км2. Од нив 745 хектари се шуми, 135 хектари се обработливо земјиште
За настанокот на селото има повеќе легенди и преданија. Една легенда кажува дека името на селото е изведено од бројот три и од именката биче. За да опстои на сопствената местоположба, на почетокот населбата била заорана со три бикчиња. Во секавање на овој настан, кој долго време се паметел, новонастанатата населба била наречена Трибичино.
Според друга легенда, на просторот на денешно Трибичино, во дамнешно време се населиле тројца брака. Тие во шумовитото место во почетокот се занимавале со сточарство и со дрварство, а подоцна и со бичење на дрва. По цел ден со пили стругале и произведувале дрвени изработки, кои потоа ги продавале по градовите и побогатите околни села. Тие тука си изградиле кука, и со тек на времето на овој простор се населиле и некои нивни роднини и пријатели. Така била основана населбата, која во чест на првите жители на селото, односно на тројцата брака кои се занимавале со бичење на дрва, била наречена Трибичино.
Денес старите селски куќи во распаѓање се нем сведок за животот во селото од некое минато време.













