КРАЈ НА ЕДНА ЕРА? Струмица остана без куп-трофеј по долги години доминација!
Црн викенд за струмичката одбојка во Скопје. Иако со години Струмица важеше за „одбојкарски Град“, овогодинешното издание на Купот на ОФМ донесе разочарувачки резултати за нашите екипи. По долго време, градот останува без пехар во ова натпреварување.
ОК Струмица сопрена во полуфиналето
Најголемото изненадување е елиминацијата на ОК Струмица. Нашиот најтрофеен машки одбојкарски колектив претрпе пораз во полуфиналето од екипата на Штип УГД со убедливи 3:0 (25:17, 25:18, 25:12). Ова значи дека по долги години, ОК Струмица не само што не го освои купот, туку не стигна ниту до големото финале, препуштајќи му го приматот на регионалниот ривал од Штип, кој подоцна успеа да стигне до историски „хет-трик“.
Наковски Волеј не успеа да ја одбрани круната
Ништо подобра среќа немаа ниту девојките од ОК Наковски Волеј. Како бранителки на титулата, тие влегоа во финалето со надеж за нов трофеј, но беа поразени од дебитантот во финалињата, екипата на Вардар ЕМ. Скопјанки славеа со максимални 3:0 во сетови, со што пехарот од Струмица се сели во витрините на „црвено-црните“.
Аларм за струмичкиот спорт
Овие резултати се сериозен удар за имиџот на Струмица како спортски центар. Со оглед на тоа што нашите екипи останаа без куп-титула по долг период на апсолутна доминација, се поставува прашањето: Дали Струмица годинава ќе остане без ниту една шампионска титула во екипните спортови? Ситуацијата во првенствата не влева преголем оптимизам, а доколку не се направат итни промени во пристапот и организацијата, оваа 2026 година може да биде запаметена како една од најнеуспешните за струмичкиот спорт во последната деценија.