Иконостасот во св. Кирил и Методиј и саркофагот на Гоце Делчев се дела на исти мајстор

1 мин. читање

Дрвениот резбан иконостас во струмичкиот храм Св. Кирил и Методиј е дело на големиот мајстор на резбата Нестор Алексиев Мирчевски.

Иконостасот во храмот го изработил во липово дрво, 1935 година.

Нестор зад себе оставил големи дела кои можат да се сретнат во резбарските иконостаси и црковни елементи низ Македонија и во други балкански земји.

Во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занаетчиство во Берлин и бил одликуван со Орден за посебни заслуги и со диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклор од својот крај.

Лазар и Нестор Мирчевски во Крушево, 1903 година

Нестор Алексиев Мирчевски од државниот врв во 1946 година добил задача за 21 ден да изработи саркофаг за да се пренесат моштите на Гоце Делчев од Софија. За да го изработи саркофагот во рокот, работел со натчовечки сили, ден и ноќ. Подножјето на ковчегот го сочинуваат четири лавовски шепи, тетра-под со профирано цокле од сите страни со една вдлабнатина и две издадени хоризонтали. На предната страна во средината на барокниот медалјон има лаворов венец – симбол на победата, а во него е претставен ликот на Гоце Делчев.