Еден од најголемите панаѓури во Османлиската империја – Долјанскиот во с.Банско – Струмичко

8 мин. читање
турски амам - с.Банско

Селото Банско во Турските пописни дефтери од XVI век, се споменува како населено место во кое живееле само христијани. Во 1519 година во селото Банско живееле 78 домаќинство, 12 неженети и 5 вдовици. Во 1570 година имало 71 домаќинство, 17 неженети и 5 вдовици. Поради поволните услови, особено термалните води во оваа населено место се населуваат Турците и го преименуваат во Илиџа (во превод: топла минерална бања).

Бањите (амамите) кои ги градат Турците од XVI –XVIII век во селото според градбата и организацијата на просторот ги определуваме како јавни и семејни. Изградени биле повеќе бањи, од кои денес се зачувани (или делумно), три бањи покрај римската терма и една бања на западниот дел од селото, јужно од локалитетот Св.40. Поради значењeто на термалните извори и лековитите особености на водата, бањите кај селото Банско во турскиот период привлекувале голем број на посетители. Концентрацијата на луѓе на овој простор било повод на овој простор да се развие и пазар.

Археолошки локалитети во ареалот на с.Банско

Во атарот на денешното село Банско, најголем дел од истражувачите на отоманскиот период го убицираат Долјанскиот панаѓур. Во делата на турските патописци Хаџи Калфа од околу 1650 година и на Евлија Челеби од 1670 година се споменува дека во близина на Струмица, во истоимената каза се наоѓа панаѓурот Долјан. Хаџи Клафа споменува дека во близината на Струмица е пространо поле, преку кое тече река со голем број воденици. Во месец август овде се одржува славен панаѓур кој се вика ,,Тулјан“, на кој навалува многуброен свет од сите страни. Топлата бања ,,Тулјан“ исто така се наоѓа во струмичкиот кадилак во близина на Струмица и на градот. Еднаш во годината тука се собираат жителите на околните предели, така што во текот на две недели извршуваат значителни трговски работи. Под брегот извираат многубројни топли извори, а и по некој студен. Во бањата под камениот свод тече вода од три чешмурки во една бања.

Средновековни населби и тврдини во Струмичкиот регион

Евлија Челеби во неговиот опис наведува: Долјанскиот панаѓур е жив и Све организиран панаѓур, распослан сред широко излетно место, обраснато со дрва, со огромни ливади и пасишта, сред рамна и плодородна широка област, полна со птици. Значаен податок кој оди во прилог на убикацијата на Долјанскиот пазар е тоа што Челеби споменува дека областа била полна со птици, во подножјето на селото Банско се наоѓа Моноспитовското Блато (мочуриште), кое отсекогаш претставувало природна станица за голем број на птици. Дел од истражувачите овој пазар го убицираат кај денешното село Долене (о.Петрич, РБугарија), што е погрешна констатација која се повикува само на етимолошката сличност на имињата. Челеби е концизен дека Дојланскиот пазар се наоѓа во Струмичката каза, додека селото Долене во тој период е дел од Петирчката каза. За разлика на ридско-планинскиот терен во кој се наоѓа селото Долени, селото Банско иако лежи во подножјето на планината Беласица има огромно поле кое зафаќа приближна површина од 3 км должина и 1 км ширина. Полето благо се спушта јужно од селото, а разликата од највисоката до најниската точка е помалку од 50 метри, на оддалеченост од 1 км. Овој простор, несомнено, нуди идеални услови за ширење на огромен пазар каков што бездруго бил Долјанскиот. Според достапните пишани извори, Долјанскиот пазар првпат се споменува во писма – заповеди од 1595-1615 година испратени до струмичкиот кадија. Имајќи во предвид дека пазарот не се споменува во опширните турски пописи од 1570 година, можеме да заклучиме дека тој се појавил во последните децении на XVI век, кога најверојатно интензивно се почнало со градење на бањите (амамите).

Според описите на Челеби, еданаш годишно, стотици илјади луѓе од Румелија, арапските земји, Персија, Индија, Самарканд, Балх, Бухара, Египет, Сирија, Ирак и сите делови од Европа, со еден збор сите трговци од седумте климатски услови по земја и море, доаѓаат со своите разновидни стоки на овој панаѓур. Целата долина е исполнета со море од луѓе. Се продаваат стотици илјади товари стока, може да се најде дури птичјо млеко, лавовско млеко и човечко млеко. Птичјото млеко се јајцата, човечкото млеко е женското млеко, а лавовското млеко е пак безсрамното вино.

с.Банско – поглед кон тврдината Цареви Кули

Во деновите на овој пазар од сите села, паланки и градови доаѓаат занаетчии, приготвувачи на храна и пијалоци. Пазарот траел четириесет дена и четириесет ноќи сè додека не се продадат сите работи и стоки. На одделен дел од пазарот се продавале животните: кози, овци, коњи, мулиња, биволи и волови. На овој пазар се продавале луѓе, особено црнобојните арапи. Вниманието на посетителите го одземале скапоцените материјали и камења кои овде се нуделе на купувачите: брокат, атлаз, позлатени ткаенини, тафта, бархет, сатен, кадифе, опал, рубин, смарагд, дијаманти, топаз, бисери, ахат, аметист, килибар, седефи уште многу скаопцености и накит.

Покрај стоката што се продавала на овој пазар се одржувале и различни настани, кои го привлекувале вниманието на посетителите: Какви магионичари и играчи има на земјината топка што настапуваат по плоштадите или во шаторите, сите се овде: маѓепсници, жонглери, комарџии, пантомимичари, жонглери со чаши, џуџиња, сопственици на коцкарници, атлети, акробати, играчи со оган, покажувачи на куклени претстави и манекени, луѓе што повикуваат духови, голтачи на сабји, шмеќери, мечкари, дресери на мајмуни, на кози, на магариња, борци жонглери со ласо, скротители на змии, дресери на птици, жонглери врз ремени, играчи на карти, магионичари со огледала, со чинии, луѓе што праваат гримаси и др. Од сите страни пристигнуваат патувачи свирачи на саз, танчери, пејачи, засмејувачи, комичари, пејачи – декламатори на лирски или епски поеми, мускулести борачи, стрелци со лак, храбри луѓе, занесливи убавици, пејачи на љубовни песни, се може да се најде на тој пазар во разни шатори и по чаршиските пазаришта.

римско термално лекувалиште

Во описот Челеби наведува откако го напуштиле пазарот продолжиле да патуваат во насока кон Мека и за пет часа стигнале во селото Мачка (неубицирано). Потоа продолжиле да патуваат одново во насока кон Мека, за шест часа стигнале во градот Петрич. Овој опис на патот несомнено укажува дека пазарот се наоѓал во Струмичко, времето на патување од Банско до Петрич се поклопува со времето кое го навел Челеби.

Извори:
Академија – Средновековни тврдини во југоисточниот регион
Академија – The significance of the thermal springs near the Bansko village

Автор:
Вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица.