Суровата реалност на македонскиот пазар на труд покажува дека работата веќе не е гаранција за достоинствен живот, бидејќи дури 154.408 работници примаат плата помала од 30.000 денари. Според последните податоци на Управата за јавни приходи, кои ги објави Сојузот на синдикатите на Македонија, речиси една третина од вкупно 503.031 вработен во државата преживува со примања под официјалниот праг на сиромаштија, кој изнесува 31.200 денари. Ова значи дека секој трет работник во Македонија секојдневно оди на работа, а сепак живее во длабока сиромаштија, што според Синдикатот е повеќе од доволна причина за масовен израз на незадоволство и борба за егзистенција.
Од ССМ нагласуваат дека нивната заложба за итно зголемување на минималната плата е директно насочена кон подобрување на стандардот на овие илјадници граѓани, бидејќи растот на минималецот неминовно ќе повлече и линеарно зголемување на сите останати плати во државата. Поради ваквата состојба, Синдикатот упатува јавен повик до сите работници и нивните семејства масовно да се приклучат на големиот протест закажан за сабота, 14 март. Протестниот марш ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје, а ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата. Пораката на ССМ е јасна: додека Синдикатот се бори институционално, работниците мора самите да излезат и да се изборат за своите плати и достоинство.
Извор:
– Facebook страна на ССМ