Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ започна интензивна дипломатска и институционална офанзива насочена директно кон претставниците на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на Шенген зоната со цел трајно решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи. По одржаниот состанок на регионалната работна група на 11 февруари 2026 година, каде учествуваа претставници од сите шест држави од Западен Балкан, организацијата јасно стави до знаење дека фокусот на дејствување се префрла на меѓународен терен преку барања за технички решенија во преодниот период до целосната имплементација на новата Стратегија за визна либерализација. Во оваа дополнета стратегија на ЕУ, за првпат официјално се признава специфичниот статус на професионалниот возач како лице кое врши клучна економска дејност и кое треба да биде изземено од ограничувањето од 90 дена во период од шест месеци, слично како што е случајот со екипажите во другите видови транспорт.
За да се забрза овој процес и да се спречат постапки со кои се соочуваат превозниците на терен, „Макам-транс“ веќе упати официјален допис до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за итна средба со амбасадорите на сите држави членки на Шенген зоната присутни во земјава, како и со евроамбасадорот Михалис Рокас и претседателот на Комората за странски инвестиции. Паралелно со ова, асоцијацијата достави конкретни барања до амбасадите за добивање прецизни информации за процедурите за поднесување барања за посебни визи наменети за професионални возачи, кои би овозможиле подолг престој и би важеле низ целата Шенген зона. Поддршка се бара и преку стопанските комори и меѓународните партнери, вклучувајќи го и Федералниот секретаријат од Белгија за патен транспорт, со цел да се обезбеди поширок притисок врз европските институции. Главната порака на „Макам-транс“ е дека македонските возачи не смеат да бидат жртви на административни бариери кои се во спротивност со Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ уште во 2001 година, па затоа активното лобирање ќе продолжи додека не се воспостави функционален систем за непречен превоз на стока и патници.
Извор:
– Facebook страната на асоцијацијата на превозници МАКАМ – ТРАНС