Со продорот на Балканот, Османлиите во овие краеви пренесуваат и дел од достигнувањата како од духовната така и од материјалната исламска култура. Нивната градителска активност е насочена во изградба на: џамии, амами, безистени, медреси, анови, турбиња и друго. Меѓу најбројните објекти од Османлиската архитектура, градени насекаде со ширењето на власта, претставувале џамиите. Основачи на овие објекти биле поединци, муслимански големци, владетели и побогати граѓани кои ги подигале како свои задужбини, што е потврдено со бројните пишани документи, вакафнами.
Во перидот на Османлиската власт, во Струмица и околината изградени се голем број објекти од профан и религиозен карактер. До денес се уште се зачувани остатоци од амам, џамија и турбето на Меси Бег во с.Банско, Орта џамија и Хунќар џамија во Струмица, џамија и остатоци од амам во с.Баница и др. Сеакако акцентот во овој текст ќе биде ставен на Старата џамија во с.Баница.
Селото Баница првпат во пишаните извори се споменува во средниот век, односно во една од повелбите издадена од страна на браќата Драгаш во 1377/8 година. Во изворот се наведува црквата Св.Врачи (Козма и Дамјан) кај селото Бањице (Баница), која е приложена како метох на светогорскиот манастир Св.Пантелејмон.
Селото Баница се споменува и во Турските пописни дефтери од XVI век. Имено, во 1519 година, во него живееле 28 христијански и 21 муслиманско домаќинство. Во пописот од 1570 година, во селото се намалува бројот на христијаните на сметка на муслиманите и во него живееле 6 христијански и 27 муслимански домаќинства. Во овој попис Баница е именувана и со друг назив Шехр-Азад (Šehir – azad), така што нејзиното значење би било ослободен, спасен град. Баница се сметала како маало на градот Струмица, поради нејзината близина.
За големината на Баница како значајно турско село во дадениот период, сведочат џамијата и амамот сместени во средината на населеното место. Како уникатен сакрален објект ќе ја издвоиме џамијата во Баница, која на најпластичен и најубедлив начин зборува за градителското мајсторство на воглавно безимените мајстори, кои покрај вештината на градителството презентираат и одредени стилски и естетски вредности што оваа архитектура на многу начини ја прават интересна.
Годината на градба на џамијата не ни е позната. Не е зачуван ниту натписот над вратата, ниту било каков пишан документ кој ќе ни даде податоци за годината на најзиното подигање. Како доказ за постоењето на џамија во с.Баница кон крајот на XVI век се турските пописни дефтери од 1570 година, каде меѓу другото се запишани Хаџи Дервиш – имам (главен службеник на секоја џамија) и Мустафа Јахја – муезин (духовно лице кое од минарето повикува на молитва).
Начинот на градење и стилските особености не упатуваат на крајот на 16 век, класичниот период на османското градителство и уметност. Тоа е перидот кога турската архитектура и уметност го достигнува својот процвет, што е евидентно и во градбата на џамијата во с.Баница.
Таа е од типот на еднопросторните куполни џамии со трем на северната страна (9.54 х 10.35). Ѕидана е со наизменично поставени редови на добро обработен камен и два реда тули, со насатично поставена тула помеѓу секој камен. Објектот е надсведен со купола градена од тула која веројатно, според остатоците на теренот, била прекриена со турска керамика.
Во молитвениот простор, каде е остварено единство на просторот, е сместен полукружен михраб со пет реда на сталактна декорација, додека од минбарот не се сочувани остатоци. Осветлувањето на објектот е преку прозорските отвори поставени во два реда по два на секој од ѕидовите, освен на северниот, каде има само два во долната зона додека горните се заѕидани. Оваа дворедно поставување на прозорците е обележје кое ги карактеризира турските градби. Целиот објект е поплочен со квадратни камени плочи. Минарето, чија висина е сразмерна со големината на џамијата, е решено кружно а над шерефето полигонално.
Она што привлекува особено внимание кај оваа џамија е појавата на манастирски свод како варијанта за покривање на молитвениот простор. Самиот свод, купола, не се потпира ниту на пандатифи ниту на тромпи, туку таа лежи директно на ѕидните маси. Иако османлиските градители ги користеле манастирските и коритасти сводови па и полусводови за покривање на некои простории во амамите, безистените, медресите и каравансараите, тие ретко ги применувале кај џамии, особено не за покривање на харимот (молитвениот простор). Појавата и употребата на манастирскиот свод при градењето на џамијата во с.Баница секако е резултат на користење на искуствата од византиското – ориенталните уметнички и градителски традиции. Османлиските неимари, под чие водство се граделе објектите, создавале нов квалитет во својата уметност со големо учество на локалните мајстори, кои во потполност го совладале византискиот начин на градење.
Малата застапеност на овој конструктивен елемент, особено што е ова засега единствен пример пренесен во нашите краеви од градителите кои се формирале во градителските работилни во Одрин и Истанбул, уште повеќе ја зголемува важноста на џамијата во с.Баница.
Џамијата, како нем сведок на едно време, одамна ја изгубила својата функција и намена. Турското население во с.Баница ја одржувало џамијата се до 1955 година, кога поголем дел од нив се иселиле. Досега Старата џамија во село Баница не го предизвикала вниманието кое го заслужува.






Тојган Паша Џамија, Баница (Струмица) [XXVII-22-n.d.]
Автор: Machiel Kiel, Извор: nit-istanbul
Извори:
– Зоран Павлов – републички завод за заштита на спомениците на културата
– Википедија
– Академија Д-р Душко Цветанов