Локалните власти, во соработка со јавните претпријатија, спроведоа акција за уредување на градскиот плоштад, потврдувајќи го ставот дека ликот на градот мора постојано да се одржува на достоинствено ниво. Денеска, екипите на ЈПКД „Комуналец“ и ЈП „Паркиралишта“ извршија комплетна замена на старите и дотраени знамиња на градскиот плоштад „Гоце Делчев“. Новите знамиња, кои сега се веат во центарот, не се само естетски додаток, туку симбол на континуираниот стремеж на Струмица за дел од европското семејство и модерна Македонија.
Посебен акцент беше ставен на споменикот на патронот на плоштадот. Во пресрет на утрешното одбележување на 154 години од раѓањето на великанот Гоце Делчев, се организираше акција за генерално чистење на неговото спомен-обележје. Целта е достојно оддавање почит на историското наследство во амбиент кој доликува на неговото дело.
„Важно е тоа што се поставува не само да краси, туку и редовно да се одржува. Градот треба да изгледа достоинствено и пријатно за сите“, истакнува градоначалникот Петар Јанков.