Ниче Василев – Половина век творештво

(разговорот го водеше Никола Пијанманов)

6 мин. читање

Ниче, се занимавате со сликарството 55 години! Повеќе од половина век љубов со уметноста. И вашите слики се такви, преполни љубов и свежина на животот. Како одеше сликарскиот пат? Рамнолиниски или по угорнини? Тешко ли е да се биде творец кој, покрај сите искушенија останал доследен на својот дар, на својот избор?

  • Низ сите мои творечки години никогаш не сум создавал во комфорна зона. За разлика од некои мои колеги, јас тешко го поминував мојот авторски пат. Но, никогаш не се предадов и опстоив во таа сурова реалност. Повеќе од педесет и пет години сум посветен на сликарството, се трудам колку можам да имам сериозен пристап и делата ги анализирам во ателјето долго, студиозно. Понекогаш на нив се навраќам и после неколку месеци. Сликите никогаш не се целосно завршени. Не ги разбирам колегите кои се жалат на тешките услови за работа. Вистинскиот творец секогаш ќе најде начин и причина да создаде нешто убаво, нешто значајно. Барањето причини за неуспехот е исто така неразбирливо. Без оглед на сите искушенија, уметникот е токму тој кој наоѓа решенија за најтешките прашања и од нив ја создава својата уметност.
Во Пловдив 1982

Што се случи? Од каде денес таа рамнодушност кон уметноста, кон сликарството и изложбите. Зошто светот, но првенствено нашиот народ, полека го губи осетот за убавото, жедта за естетика, за нешто поинакво, волјата за убавина и вистина, како да е сѐ потопено во секојдневното досадно повторување на грдото и блуткавото.

  • Рамнодушноста на луѓето кон уметноста не е од денес, таа постои отсекогаш . Но, денес благодарение на материјалистичкиот свет кој сами го створивме и во кој сме заплеткани, таа е исклучително изразена. Луѓето сè повеќе ги привлекува масовната култура која во наши услови и контекст, е крајно неквалитетна и евтина. За жал, таквите настани се финансирани и континуирано поддржувани од државните и општинските структури.
Палетата на Ниче

Има теорија дека развојот на уметноста зависи од социјално осигурен живот. Таканаречениот стандард. Но, како тоа, порано постоеле уметници кои живееле на работ на сиромаштијата, во неразвиени села и градови, а уметноста цутела на сите планови и нивоа. Денеска, пак, во изобилие од технологии, производи и средства, никогаш до толку не била маргинализирана. Дали комфорната зона не е поволна за творење?

  • Уметноста отсекогаш претставувала фактор за формирање на човечката личност. Таа имаше и образовен карактер. Дали човекот бил повеќе креативен во сиромаштија? Да! Тоа е факт. Човечкиот нагон да опстане, но и да се усоврши себеси духовно, го прави креативен и творечки активен. Творечкиот нагон секогаш бил спротивставување на немаштијата. Во тој судир се твореле генијални дела, а најбогатите од тие времиња, кралеви, грофови, кнезови се поклонувале пред тие дела. Денеска се поклонуваме со респект пред уметноста на старите мајстори. Што се однесува до современото творештво, тоа како да се гуши во агресивниот технолошки развој. Пристапот кон делата денеска не е искрен како порано, без вистински чувства и емоции. Како сè да станало импровизација и ефектност без суштина.
Цветови во вазна – масло на платно 85х60 см. 1989

Каков аманет би оставиле за помладите колеги, за оние кои допрва го започнуваат патот на сликарството? Дали вреди, покрај сè, да се посвети целиот живот на уметноста?

  • Уметноста не се учи. Или ја имаш во себе или не! Вие можете да ги студирате сите школи за уметност, но ако го немате талентот, никогаш нема да бидете креативен и плоден автор. Им препорачувам на младите сликари, пред сè, да се осврнат на сопствените чувства и автентичен израз. Да веруваат во сопствените можности и да ги развиваат, постојано. За мене уметноста е сè! Таа ме прави среќен, исполнет. Среќно е и моето семејство. Уметноста е радост. Таа ги прави сите подобри и посреќни луѓе.
Жената со петел – акрилик на платно 60х50 см. 2017

Секој уметник го има својот извор на вдахновение, своја муза. Некогаш е таа невидлива и духовна, но некогаш постои во форма на реална личност. Која и каква е вашата животна муза?

  • Мојата сопруга. Таа не само што има разбирање кон моето творештво туку и извонредно чувство за естетика. Таа е мојата главна животна инспирација.
Жената во црвен фустан – масло на платно 90х70 см. 2016

Пејзажот е мојот омилен дел од вашето сликарство! Ја сакате природата, нејзиниот блескав колорит кој се менува низ раскошните годишни сезони. Дали панорамите на широките полиња, планини, облачни неба ги носите од самото детство како спомени на едно изминато како во сон чудесно време?

  • Моето ателје во Старо Балдовци е во природа, меѓу широки полиња кои секогаш ме инспирираат за многу слики. Ги набљудувам како се менуваат боите низ годишните времиња. Тоа е местото кое секогаш ме инспирира за моето пејзажно творештво. Јас растев во село и пејзажот од раните години го носам во моето сликарство низ годините. Пејзажот ми дава свежина, колоритност во останатиот дел од моето творештво.

Ви посакуваме уште успешни дела и изложби со кои ја збогатувате културата и го правите светот поубав!