Василица – симболика и значење

Пишува: Јасмина Пијанманова - етнолог

4 мин. читање

Василица или Стара Нова Година е еден од најживописните народни празници во македонската традиција. Се слави на 13 и 14 јануари, според стариот јулијански календар, и претставува симболичен премин од старата во новата година.

Во народното верување, Василица е празник на обновувањето и се смета како нов почеток. Еден од најкарактеристичните и највпечатливи обичаи поврзани со Василица е палењето на огнови. Кај нас во овие краишта не е позната под името Василица туку ние ја нарекуваме Сурва, што доаѓа од Сурова што значи: силна, здрава, јака и бериќетна година. Овој обичај има длабоки корени во старите предхристијански верувања, кога огнот се сметал за света сила – заштитник од злото, симбол на животот, светлината и прочистувањето. 

Огновите се палеле за славење на зимскиот солстициј со верување дека ќе му се даде поголема моќ за да свети повеќе и дека денот потоа постепено се зголемува се до Иван ден (24 јуни) кога повторно се палат огнови кога сонцето е во својот најголем зенит (летен солстициј) кога денот е најголем и потоа постепено се намалува. Огнот има посебна апотропејска моќ и се пали со посебна намена – да ја изгори сета лоша енергија, болести, несреќите и да донесе здравје, бериќет, плодност и среќа во новата. Луѓето се собираат околу огнот, го прескокнуваат или само стојат во негова близина, верувајќи дека неговата топлина и светлина имаат моќ да ги заштитат и да им дадат сила.

Во овој период од годината деновите се најкратки. И поради овие причини се верувало дека тогаш злите сили и духови се најприсутни во овој период од годината тоа се т.н. „некрстени денови“ кои траат од Божиќ до Богојавление. 

Луѓето се маскирале со зооморфни маски за да излегледат пострашно од злите сили и со ѕвонци на половините правеле голема врева и на тој начин делувале во истерувањето на злите сили кои верувале дека можат да им наштетат. 

Кршењето на леб со паричка кој е застапен на Стара Нова Година и на Бадник е еден од најзначајните елементи на трпезата. Лебот секогаш се украсува со различни орнаменти на тестото – сонце, класје, кругови, крстови кои го симболизираат животот и цикличноста на времето. Лебот не се сече со нож, туку се крши со раце, што симболизира почит кон храната и заедничкото споделување. Со самиот чин на кршење се верува дека се „отвара“ среќата за цела година и дека благословот се дели рамноправно меѓу сите присутни.

Посебно значење има паричката скриена во лебот. Оној што ќе ја најде се смета дека ќе биде најсреќен во годината што следи, но тоа не симболизира само материјална среќа туку и духовна – мудрост, сила и заштита од несреќи. 

Во поширок контекст лебот и на Бадник и на Василица ја симболизира надежда за нов почеток и верување дека во заедништвото е силата, затоа што овие верување во себе носат и длабок социјален елемент кој не треба да се занемари и да продолжи да се празнува како дел од народната традиција.