Љупка, ликовна уметница, сликарка и ликовен педагог веќе дваесет години. Што претставува ликовната педагогија и дали денес ликовното воспитување го има своето место во образовниот систем како што тоа беше порано?
- Ликовната педагогија претставува спој на уметноста и воспитно-образовниот процес. Таа не е само пренесување на техники и знаења, туку процес во кој се развиваат креативноста, визуелното мислење, емоционалната интелигенција и интегритетот на ученикот. Преку ликовното воспитување и уметноста , децата учат да набљудуваат, да чувствуваат, да ја пренесуваат својата емоција на хартија, преку боја, линија или ја моделираат во парче глина. Ликовната уметност не е предмет кој треба да го натера ученикот да „стане уметник “ како што многумина знаат да кажат. Нејзината цел е далеку подлабока. Таа треба да го поттикне детето да размислува критички, да има свој индивидуален пристап кон убавото, естетиката и светот околу него. Креативноста, сликањето и генерално занимавањето со уметност ѝ помага на младата личност да изгради квалитети и вештини кои ќе му помогнат во иднина и во други професии. Генерално, така се градат личности со изграден сензибилитет кон културата и естетските вредности.
Во каква позиција е денес Ликовното образование во однос на другите предмети во образовниот систем во Македонија?
- Денес, ликовното воспитување е на една маргинална позиција во образовниот систем, понекогаш третирано како час за слободно дружење и други активности. За жал, за таквата репутација свој придонес имаат и дел од самите колеги кои дозволуваат вакви ситуации. Сметам дека фелата треба да биде погласна и организирана во поглед кон важноста на ликовната култура во образовниот систем. Во трката по „практични“ и мерливи знаења, креативните предмети често се маргинализираат. Но, во време на брзи промени и технолошки развој, ликовната педагогија е неопходна повеќе од било кога. Ликовното воспитување не е луксуз, туку суштинска потреба на современото образование и општество.

Твоето творештво изобилува со лирска, пастелна поетика на ликовниот израз. Кои се мотивите и која е философијата на животот која те инспирира и води во формирањето на личниот сликарски јазик?
- Трагите на текстилот некако потајно ме потсетуваат на некое одминато време, можеби на времето од моето детство, на некој безгрижен романтичен свет од кој не сакаме да излеземе и соочиме со реалноста. Тие траги ги гледам како визуелен јазик кој може да се појави во погледот низ еден прозорец, пејзаж или во една сосема апстрактна композиција. Во тие текстури и слоеви ја препознавам мекоста на спомените и нивната кревкост.
Мојот ликовен израз природно се движи кон лирска, тивка и пастелна поетика, која произлегува од внатрешна потреба за враќање кон суштинските, човечки состојби, најчесто врзани за лични сеќавања и времето кое тивко се наталожува во секој од нас.
Како е да се живее со и во близина на голем уметник, сликар со 50 годишно творештво и искуство, твојот татко Ниче Василев?! Дали влијае неговиот неуморен творечки подвиг врз стимулацијата и развојот на твојата уметност?
- Голем предизвик е да растеш како сликар и творец, покрај уметник како Ниче Василев. Влијанието го имате секако, во педагошка смисла, во поимањето на уметноста како дел од нашето постоење, во духовен и сликарски концепт.
Но сепак, мислам дека јас и татко ми сме две сосема различни линии, во сликарска и енергетска смисла. Секој творец треба да успее да го изгради својот сопствен сликарски, творечки ракопис. И покрај сликарската зрелост на Ниче Василев,честопати знаеме зеднички да ги продискутираме и искритикуваме не само моите туку и неговите дела. Потребата од дијалог ја доживувам како здрав и неопходен процес, затоа што секој уметник има потреба од искрено мислење и критика за време на творечкиот чин. Таа меѓусебна размена е силен поттик за континуиран развој и раст.

Љупка, твој поглед на ликовниот живот во Струмица? Има ли стратегија, како функционира ликовниот сектор во склоп на „Центар за култура Антон Панов“ – Струмица и дали може да се менуваат работите на подобро? Од некогаш етаблирана републичка Уметничка галерија, до незначајна локална секција без визија и проекти!
- Генерално, мојот впечаток е дека најневажната работа кај нас од сите општествени сфери е токму културата. Овде може и не морате да вработите професионални кадри, кои имаат порив за оваа работа. Кадрите кои завршиле со својот работен век, не се заменуваат со нова креативна сила, која можеби би внесла нова енергија во процесот на работа. За жал, културниот сектор понекогаш се доживува како место за егзистенцијално згрижување, наместо како простор за творештво и развој на културниот дух! Потреба од оставање на свој белег, трага во интелектуална и творечка смисла воопшто не постои! Во таков амбиент, не се стимулира вклучување на нови, млади и креативни професионалци.
Центарот за култура треба да биде обединувачко јадро на уметниците од различни области, место за дијалог, соработка и современи уметнички практики. Финансиските ограничувања се реалност, но квалитетни културни настани не секогаш бараат големи средства – туку визија, иницијатива и искрена посветеност.
Овде се гледа професиналноста и желбата за исполнет творечки подиум. Институците се тие кои треба да иницираат дијалог за соработка и творење.Паметам периоди на полни галериски сали, значајни изложби, младински ликовни колонии и жива уметничка сцена. Тоа покажува дека потенцијал постои!

Ако го ставиме настрана галерискиот сектор на Центарот за култура, зошто според тебе, еве веќе пет години откако се отвори Градската галерија, на плоштадот, таа не функционира како Ликовна галерија со своја дефинирана програма и дејност како што е тоа пример во други градови во Македонија. Во што е проблемот?
- Струмица навистина ја има привилегијата да располага со еден од поубавите галериски простори во државата, кој за жал не функционира во вистинска смисла на зборот како галерија. Според мене, клучниот проблем лежи во тоа што галеријата сè уште нема јасно утврден статус како самостојна културна институција во рамки на општината.
Галерија без редовно работно време, без стручен кадар и без програмски календар не може да ја извршува својата културна мисија. Нејзината улога е да биде жив културен пункт и место за средба на уметници, публика и идеи. За жал веќе пет години од неговото отварање, просторот останува само симболично присутен.
Самата имаше самостојно претставување во тој убав простор под струмичкиот плоштад. Кои се твоите лични искуства?
- Пред една година имав можност да изложувам во овој галериски простор и можам да потврдам дека станува збор за простор со пристојни стандарди и визуелно – естетски концепт. Сепак, парадоксално е што изложбите реално се достапни за публиката само на денот на отворањето или за време на некој друг настан. Во периодот меѓу настаните, просторот најчесто е затворен поради недостиг од човечки ресурси, што ја оневозможува неговата основна функција.
Градската галерија има потенцијал да стане значаен дел од културниот живот на Струмица, но само доколку разбереме дека имањето простор не е доволно само по себe.

Зошто сѐ уште се соочуваме со прашања како: Буџетот за култура на Општина Струмица и оваа 2026 година се прави паушално, правен не според јасни критериуми од стручни лица? До кога ќе се повторува тоа и дали на Струмица, град со богата културна историја ѝ е потребно конечно „Тело за култура“ при Општината во која ќе бидат ангажирани стручни и докажани лица од областа на културата, културни работници. Тело кое ќе распишува јавен конкурс пред креирањето на буџетот и кое транспарентно ќе ги распределува средствата по уметничките дејности.
- Години наназад слушаме дека сме град со богата културна традиција, ликовна колонија, тетарски и филмски фестивали, што е факт, но токму тоа ја наметнува потребата од институционални и административни решенија кои ќе ја развиваат и одржуваат културната традиција во градот. Одделение за култура, комисија за култура (со соодветни кадри),сметам дека одамна требало да има. Јавен повик за аплицирање на проекти од интерес на културата на кој можат да аплицираат сите чинители во културниот живот е клучен елемент за професионално функционирање на овие тела.
На советничките листи немаме луѓе од уметничката фела (или многу ретко), затоа се формираат комисии од луѓе кои треба да одлучуваат за нешта кои не им се познати и блиски. Културата e жив систем кој бара долгорочна визија, јасни приоритети и стручно планирање. Сметам дека институциите треба да се дополнат со кадри кои ќе придонесат кон креирањето на локалните културни политики и јакнење на довербата кај културните работници и културната јавност.
Ова не е критика, туку повик за партнерство и заедничка одговорност – затоа што културата не е трошок, туку инвестиција во идентитетот, образованието и иднината на нашиот град и држава.

Член си на најафирмираната и најстара организација за ликовна уметност во државата, Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ДЛУМ. Какви се твоите искуства и дали мислиш дека организацијата е подеднакво отворена кон уметниците кои не се во центарот, во случајот Скопје. Дали нашите организации за уметност и култура се централизирани?
- ДЛУМ, како најстара и најеминентна ликовна организација во државата, има значајна улога во креирањето и одржувањето на професионалната ликовна сцена. За многу уметници, вклучително и за мене, членувањето во ДЛУМ претставува важна форма на професионална припадност и афирмација.
Постојат одредени практични предизвици со кои се соочуваат уметниците кои живеат и работат надвор од Скопје. Начинот на организација на изложбените активности, особено во делот на доставување и подигање на делата во строго дефинирани временски термини, понекогаш може да биде тешко изводлив за уметниците од другите градови и да претставува дополнително оптоварување.
Како резултат на тоа, уметниците надвор од главниот град често имаат помал континуиран пристап до видливост и институционална поддршка, иако квалитетот и посветеноста во нивната работа не се помали.
Културата има потенцијал да ги поврзува различните простори и искуства, и токму во таа разновидност лежи нејзината вистинска сила.
Се надевам овие практики да станат пофлексибилни во иднина, со цел уметниците од сите средини да бидат подеднакво видливи.
Какви се плановите во претстојната 2026 година, дали има планирано или веќе можеби закажано учество во изложба, проект, самостојна изложба?
- 2026 година се надевам да биде година на добро здравје и активна работа на професионален план. Планирам учества во групни изложби и проекти, а постојат и иницијативи за самостојно претставување кои ќе се реализираат во соодветен момент.