Во подножјето на археолошкиот локалитет ,,Цареви Кули“ – Струмица, пред повеќе од една деценија, се евидентирани остатоци од средновековна црква која, според локацијата, се претпоставува дека била дел од урбаното јадро на средновековна Струмица. Просторот на кој се протега сакралниот објект е една од пошироките тераси на самиот рид, на доминантна положба над градот. Со археолошките истражувања во (2015 – 2016 година) е откриен целосниот габарит на црквата, а проследени се и фазите на изградба. Се открија просторните, архитектонските и културолошките карактеристики на објектот и беа утврдени стратиграфските слоеви и хронологијата.

Станува збор за еднокорабна црква со димензии: должина 10,20 метри и ширина 5,90 метри, доста квалитетно изградена со добар градежен материјал (тула, камен и варов малтер). Техниката на ѕидање на одредени партии од надворешната фасада потсетува на cloisonné, особено во делот на тристраната апсида. Црквата имала три влеза, главниот на западната и два споредни на јужната и северната страна, а кои според потребите, во оддредени временски периоди, тие биле затворани (заѕидувани).
Фасадите на црквата се артикулирани со систем на слепи ниши, кои се израз на современите текови на градење. Црквата била фрескоживописана, а за тоа потврда се и скромните остатоци на откриениот фрескоживопис во in situ положба, на западната влезна партија на самиот довратник од двете страни, со претстави на стилизирани флорални мотиви. Поради заѕидувањето на главниот западен влез имаме делумна зачуваност на самиот фрескоживопис.

Со истражувањата на црквата, констатирани се повеќе градежни фази, особено видливи со затворањето на западниот и јужниот влез. Западниот влез на црквата, најверојатно бил затворен со погребувањето на црковен великодостјник во гробница во западниот дел на црквата. Јужниот влез во црквата бил затворен по подигањето на клупите за седење покрај внатрешното лице на јужниот ѕид. Последните децении од своето постоеење во еднокорабната црква се влегувало само преку северниот влез.
Имено, со археолошките истражувања во 2015 година, внатре во црквата покрај јужниот ѕид, се откриени три обработени камени плочи, кои биле секундарно употребени, во иста нивелација со подот на црквата. Плочите се обработени само од едната страна и се претпоставува дека трите плочи биле дел од гробната конструкција внатре во црквата. На една од овие плочи постои надгробен натпис со кирилско писмо, кој несомнено е посветен на личност Иван, славјанин по род. Според историскиот контекст во кој ја сместуваме плочата и гробницата, првата половина на XIII век, е период кога Византија ја губи контролата над средновековна Струмица. Во овој период има напредната децентрализација на моќта и раст на ситното феудално племство, тогаш биле создадени полунезависните феудални кнежевства на Добромир Хрс и Добромир Стрез.

По некоја логика плочата, временски, треба да ја поврземе кога со градот Струмица управува некоја од словенските балкански, средновековни држави или кнежевства. Според тоа, таа најдоцна може да биде датирана во периодот кога Струмица ја освојува бугарскиот цар Иван Асен II (1218-1241), после 1230 година. Бугарското средновековно Царство управува со Струмица сè до 1246 година, кога градот го презема никејскиот император Јован III Дука Ватац (1222-1254). Оттогаш, Ромеите продолжуваат да управуваат со Струмица сè до 1332 година, кога градот за првпат ќе биде освоен од Србите.
Самите натписи, пак, на камен-материјал, тежок за обработка и траен, претставуваат историски првокласни извори и во однос на останатите видови натписи, во голема мера, покажуваат самостојна и специфична еволуција. Затоа, ваквиот епиграфски материјал, иако не секогаш обемен (каков што е и нашиов), може да биде ориентациона граѓа за утврдување на временастанокот на одредениот сакрален објект, во случајов на средновековната црква на археолошкиот локалитет “Цареви Кули“. Од тој аспект произлегува и значајноста од палеографско-морфолошкото проследување или разрешување на овој содржински натпис, иако стереотипен и без сериозни податоци (сигниран датум, титулација итн.итн.). Единствено се спомнува името Иван, но нема никаква титула со која би претпоставиле дека се работи за некој висок достоинственик, епископ итн. Или, пак, ако се работи за некој цар, тогаш необично е и без преседан, покрај неговото име да нема никаква титула.
Актуелнава надгробна плоча од камен, со натпис, има димензии: должина 0,66 м, широчина 046 м и дебелина од 4 до11см. Буквите се со висина од 3,4 до 4,6 см, а длабочината на врежот е од 1 до 1,5 см. Писмото на кое е врежан, вклесан овој надгробен микро-текст е византиски устав или мајускула, и тоа постариот, антички, капителен облик, со трилиниски епиграфски систем на врежување кој го има најповеќе во натписите, посебно од XII – XIV век. Оваа надгробна плоча е расчитана од страна на д-р Виолета Крстеска од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, Република Мкедонија и проф. д-р Николај Шаранков од Универзитетот Св.Климент Охридски – Софија, Р.Бугарија.

“Во месец мај, 21 ден почина
слугата божји Иван, вечна
му памет“ .
Оваа значајно откритие е изложено во постојаната поставка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица.
Извори:
– Academia: Violeta Krsteska / Dushko Cvetanov, The medieval church and the tombstone epitaph on the archaeological locality ,,Carevi Kuli“ (Tsar’s Towers) – Strumica, ARCHAEOLOGIA BULGARICA, XXI 3, Sofia 2017: 87-95.
– Academia: D. Cvetanov: MEDIEVAL CHURCH AT THE FOOT OF THE CAREVI KULI SITE – STRUMICA (excavation 2015 and 2016)
– Academia: Duško Cvetanov, ,,Medieval church eternal resting place of Strumica noble from the 13th century“, Acta Musei Tiberiopolitani vol.2 (2017): 191-200.