Здравствени последици од воздухот во Струмица!

3 мин. читање

Во моментов актуелна тема е колку е загаден воздухот во Струмица. Како и секоја година нашата држава учествува со повеќе градови во „трката“ за најзагаден град во светот. Главниот град е апсолутен лидер во регионот, исправен гордо рамо до рамо со Њу Делхи во Индија, Катманду во Непал и Лахор во Пакистан. На регионално ниво, Струмица речиси и да нема конкуренција за општина во која живеат околу 50.000 жители, степенот на загаденост е на алармантно ниво.

Проблемот со загадениот воздух од година во година расте, а секоја е полоша од претходната. Наместо да се изнајде решение, одговорните ја префрлаат топката едни на други и така веќе 30 години по ред како и за секој побитен проблем во државата.

Астма, бронхитис, намалена функција на белите дробови, срцеви заболувања, аритмии, зголемен ризик од мозочен и срцев удар, па дури и карцином на белите дробови сите овие се последици од аерозагадувањето со кои ќе се справуваме ако продолжиме да го дишеме овој воздух.

И покрај тоа продолжуваме да се однесуваме како ова да не нè засега нас, како да се случува во некој друг град далеку од нашиот. Дневната политика, што збори чаршијата и кој каде ќе ги помине празниците се побитни теми од воздухот што го дишеме. Едноставно, како да не станува збор за нашето здравје и за здравствените последици што скапо ќе ги платиме доколку не промениме нешто.

Ако правото на чист воздух претставува основно човеково право, тогаш државата е должна да ги гарантира и штити високите стандарди за квалитетот на воздухот.
Од мерките против загадување што ги превзема државата, единствено можеме да ја издвоиме веќе добро познатата кога е најзагадено исклучи ја мернaта станица.
Целата кривица се префрла на домаќинствата што користат огревно дрво, како тие да се најголемите загадувачи во општеството.

Секое утро се будиме со желба за свеж воздух, но редно време е народот да ја превземе работата и да најде решение што очигледно властите не можат, не смеат или не сакаат да го најдат.

Глупост е да правиш едно и исто, а да очекуваш различни резултати. А лудост е ако мислиш дека воздухот ќе се исчисти сам, без превземање конкретни мерки.