Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот градоначалник на Општина Струмица, К.К. (35), како и против двајца раководни службеници во општината, поради сомневања за сериозни законски прекршувања поврзани со наплатата на даноци.
Според полицискиот извештај, со дејствијата на пријавените лица, буџетот на Општина Струмица е оштетен за сума од 668.388 денари.
Полицијата ги товари лицата за различни кривични дела:
- И.Г. (54), раководител на Одделението за администратирање на приходи, се сомничи за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
- К.К. (35), поранешен градоначалник, и Б.Ш. (64), раководител на Секторот за финансиски прашања, се товарат за кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според истрагата, клучната улога ја имала раководителката И.Г., која во четири наврати изготвила незаконски решенија за ослободување од данок на промет на недвижен имот.
Спорниот момент е во класификацијата на објектите:
- Законот дозволува даночно ослободување за станови во згради (класа А2.1).
- Пријавената изготвувала ослободувања за продажба на станови во станбени куќи (класа А1.1), за кои такво ослободување законски не следува.
Дополнително, истрагата покажала дека И.Г. во три од четирите случаи, самата се потпишала во рубриката „Потврдил-контролирал“, иако тоа било обврска на нејзиниот колега Б.Ш.
Поранешниот градоначалник К.К. и раководителот на финансии Б.Ш. се товарат дека постапиле несовесно бидејќи не извршиле должен надзор. Тие ги потпишале спорните решенија изготвени од И.Г. без да ја проверат нивната законска основа, со што овозможиле незаконско ослободување од плаќање данок и директна штета на општинската каса.
Случајот сега е во рацете на Основното јавно обвинителство Струмица кое треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката.
Извор:
– Facebook страната на МВР