Во последните години сведоци сме на честото загадување на амбиенталниот воздух, особено во урбаните средини, при што најмногу страдаат децата – најранливата категорија граѓани. Училиштата добиваат препораки за заштита при високи нивоа на загадување: ограничување на активности на отворено, затворање прозорци, намалување на физичката активност и слично. Но, секој разумен човек се прашува: дали навистина решението е само да ги затвориме прозорците и да ги прилагодиме училиштата, или конечно треба да се насочиме кон вистинската причина – загадувачите?
Нe може да се очекува од граѓаните, а особено од децата, да ја носат целата тежина на последиците од нечии економски интереси. Не е доволно да се даваат препораки за „како да се заштитиме“, а истовремено да нема силни и ефикасни мерки за спречување на изворите на загадување. Одговорноста за здравјето на најмладите не завршува со информирање, туку започнува со одлучни политики кои ќе обезбедат чиста и здрава средина за сите.
Затоа, логично и нужно прашање е: ако веќе постојат препораки до училиштата и родителите, кога ќе видиме препораки – и уште поважно, мерки – до оние кои го загадуваат воздухот? Кога наместо декларативни заложби ќе видиме реални контроли, санкции и еколошки стандарди кои навистина се почитуваат?
Нашите деца имаат право на здрава иднина, а државата има обврска да ја гарантира. Препораките до училиштата се само првиот чекор – вториот, поважниот, е да престанеме да се обидуваме да се приспособиме на загадувањето и конечно да го спречиме.