Прочистувачи како привремена мерка

2 мин. читање

Во време кога квалитетот на воздухот често е алармантен, Општина Струмица презеде мерки за заштита на најранливите. Како резултат на донација од Генералниот секретаријат на Владата, повеќе основни училишта и градинки добија професионални прочистувачи на воздух, иако проблемот со изворот на загадувањето во градот сè уште е нерешен.

Прочистувачи се поставени во: ООУ „Никола Вапцаров“, ООУ „Маршал Тито“, ООУ „Видое Подгорец“, ООУ „Сандо Масев“, ДГ „Виножито“ и ЈПУДГ „Детска Радост“.

Градоначалникот Петар Јанков ја поздрави донацијата истакнувајќи дека здравјето на децата е приоритет. Уредите користат напредни Х14 ХЕПА филтри, кои имаат ефикасност од над 99.995% во задржување на вируси, бактерии и честички, обезбедувајќи чист воздух во училниците и градинките.

„Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во образовните институции и создаваме побезбедна животна средина за децата…“, изјави градоначалникот Јанков, додавајќи дека лично се уверил во придобивките.

Со капацитет од 2500 метри кубни на час, прочистувачите овозможуваат петкратна размена на воздухот секој час, што е од витално значење за намалување на ризикот од респираторни болести во текот на грејната сезона. Уредите имаат и филтри со активен јаглен за намалување на миризбите и штетните гасови.

Прочистувачите, иако неопходни, претставуваат само привремена мерка. Тие го чистат воздухот во затворените простории, но не го решаваат коренот на проблемот – континуираното загадување на амбиенталниот воздух кое е предизвикано од повеќе фактори.

Извор:
Facebook страната на градоначалникот Петар Јанков