Општина Струмица целосно ги исполни обврските кон Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“, со уплата од 15 милиони денари на неговата сметка. Средствата ќе обезбедат навремена исплата на платите на вработените, но и можност за нивно зголемување, соопшти градоначалникот Костадин Костадинов.
Според него, ова претставува најголем износ на трансфери кон претпријатието во неговата историја.
Истовремено, Општината ги подмири и сите финансиски обврски за јавното улично осветлување, со што се гарантира сигурна и квалитетна услуга за жителите на градот и населените места.
„Само мотивирани и вреднувани вработени можат да ја дадат најдобрата услуга за граѓаните. Општина Струмица и понатаму останува на страната на работниците и на нивната сигурност,“ изјави Костадинов.
Тој ги охрабри синдикатот и менаџментот на ЈП „Паркиралишта“ да обезбедат зголемување на платите за 20 проценти и да потпишат нов колективен договор, со цел да се подобрат условите за работа и мотивацијата на вработените.
Овој чекор, според Општината, е дел од стратегијата за финансиска дисциплина и зајакнување на јавните претпријатија како носители на квалитетни услуги за граѓаните.