ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025 – Дуел за Струмица: Даскаловски против Јанков

3 мин. читање

По долго тактизирање од страна на владеачката ВМРО-ДПМНЕ тие доцна синоќа го објавија кандидатот за градоначалник на Општина Струмица од нивните редови – Петар Јанков.
Јанков кој е помалку познат на политичката сцена во нашиот град е роден 1976 година во Струмица каде и завршил основно и средно образование, а потоа образованието го продолжил на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, на отсекот Царина и шпедиција. Како дипломиран менаџер по царина, Јанков во 2007 година се вработил во Царинската управа на Р. Македонија каде работел се до 2018 кога ја напуштил оваа институција и продолжил во приватниот сектор каде сеуште успешно работи. Оженет е и татко на две деца.
Јанков на социјалните мрежи се заблагодари на ИК на партијата како и претседателот Христијан Мицковски кои му ја дале добербата и истакна дека Струмица ја очекува многу работа и посветеност.

СДСМ и нивниот кандидат на овие избори е познат од поодамна. Тие на овие избори одлучија да не го канидираат актуелниот градоначалник Костадинов иако според него, тој бил прв на анкетите и не ја криеше разочараноста од матичната партија, а особено од лидерот Венко Филипче за таквата нивна одлука. Како и да е тие одлучија да одиграат на карта на искуство и да му дадат предност на Марјан Даскаловски кој исто така доаѓа од приватниот сектор но е и долгогодишен претседател на Советот на Општина Струмица, а вршел и други јавни функции. Тој е роден 1964 година и е правник по професија, оженет е и татко. На страната на Даскаловски е искуството во политиката но граѓаните го имаат последниот збор и одлуката кој ќе им ја води општината наредните четири години.

Ние како медиум и пред се граѓани на оваа општина ќе им посакаме среќа и ќе остенеме транспарентни!

Граѓаните недвосмислено порачуваат дека сакаат ГРАДОНАЧАЛНИК во вистинската смисла на зборот! Сакаат ГРАДОНАЧАЛНИК во функција на општината и граѓаните!

Вие Имате шанса, а имате и обврска конечно да направите познатиот епитет “Европска”, да добие некаква смисла, а Ние од Моја Струмица ќе стискаме палци за Наша Струмица!