На крајот од својот мандат градоначалникот Костадинов подава рака за спас на ЈП “Паркиралишта”

Под притисок од најавата за штрајк од вработените во ЈП "Паркиралишта" градоначалникот Костадинов на крајот од својот мандат подаде рака за спас на претпријатието и охрабри за потпишување на нов колективен договор за повисоки плати.

1 мин. читање

Општина Струмица целосно ги исполни обврските кон Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“, со уплата од 15 милиони денари на неговата сметка. Средствата ќе обезбедат навремена исплата на платите на вработените, но и можност за нивно зголемување, соопшти градоначалникот Костадин Костадинов.

Според него, ова претставува најголем износ на трансфери кон претпријатието во неговата историја.

Истовремено, Општината ги подмири и сите финансиски обврски за јавното улично осветлување, со што се гарантира сигурна и квалитетна услуга за жителите на градот и населените места.

„Само мотивирани и вреднувани вработени можат да ја дадат најдобрата услуга за граѓаните. Општина Струмица и понатаму останува на страната на работниците и на нивната сигурност,“ изјави Костадинов.

Тој ги охрабри синдикатот и менаџментот на ЈП „Паркиралишта“ да обезбедат зголемување на платите за 20 проценти и да потпишат нов колективен договор, со цел да се подобрат условите за работа и мотивацијата на вработените.

Овој чекор, според Општината, е дел од стратегијата за финансиска дисциплина и зајакнување на јавните претпријатија како носители на квалитетни услуги за граѓаните.