Стивен Хокинг — човекот кој ги објасни црните дупки, ја напиша „Кратка историја на времето” и стана еден од најпрепознатливите умови на 20-от век — имал и изненадувачка смисла за хумор.
На 28 јуни 2009 година, овој британски физичар и космолог организирал журка за патници низ времето на Универзитетот во Кембриџ. Подготвил балони, шампањ и закуски — но поканите ги испратил дури следниот ден, откако журката веќе завршила.
Логиката е совршена: само некој од иднината би можел да ја прими поканата навреме и да се врати назад во минатото.
,,Можеби некој ден некој во иднината ќе ја најде поканата и ќе употреби временска машина за да дојде на мојата журка, докажувајќи дека еден ден патувањето низ времето ќе биде возможно,” рекол Хокинг.
На ѕидот висел транспарент: „Добредојдовте, патници низ времето.” Три тацни со канапиња останале недопрени. Чашите со шампањско Круг — неиспиени. Хокинг чекал неколку часа. Никој не дошол.
„Имам експериментален доказ дека патувањето низ времето не е можно.” рекол тој по настанот.
Но не се предал — на комеморативната служба во негова чест, во 2018 година, формуларот за билети прифаќал пријави и од луѓе родени до 2038 година, бидејќи фондацијата „не може да ја исклучи можноста за патување низ времето.”
Гениј до крај.
(Фотографија – Стивен Хокинг на предавање во Универзитетот „Џорџ Вашингтон” по повод 50-годишнината на NASA во 2008 година)
Извори: Wikipedia | Atlas Obscura | Euronews | Newsweek | Live Science